Пред неколку дена Владата на Република Македонија донесе нацрт на буџетот за 2012 година. Се водат и допрва ќе се водат расправи каде и зошто се насочени парите во буџетот. Но, она што нас нè интересира е колку пари ќе се потрошат во енергетскиот сектор. Тука не мислам само на капитални инвестиции што Владата ги има најавено, туку и на тоа колку пари ќе бидат потрошени за развој на енергетскиот сектор воопшто.
Секоја поединечна ставка во буџетот се зголеми за одреден процент. Така и средствата наменети за енергетика се зголемени. За капитални инвестиции во енергетската и комуналната област ќе бидат издвоени околу 2.000 милиони денари (страна бр. 8 последен пасус). Овие парични средства ќе бидат издвоени за „….финансирање на изградба на водоводни и канализациони системи во повеќе општини при што е предвидено финансирање од сопствени извори и повлекување на кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката“. Од ова може да заклучиме дека фокусот ќе биде поставен на гасификацијата на земјата.
На Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати ќе ѝ бидат доделени средства во износ од 819.950 илјади денари. Инаку дирекцијата има 10 вработени.
Агенцијата за енергетика ќе добие 7.729 милиони денари додека развојот на енергетиката ќе биде потпрен со 27.110 милиони денари. Кои се проекти во прашање не се знае, ниту со кои мерки ќе биде поддржан овој развој. Конкретно е спомнат ХС Злетовица.
Конкретно за енергетска ефикасност нема посебни средства или енергетската ефикасност е поставена во развојот на енергетиката.
Како ќе оди расподелбата на овие пари, поточно кои проекти ќе се реализираат кои ќе ја развијат енергетиката ќе видиме. Она што можеме да заклучиме е дека Владата и понатаму нема намера да ги финансира капиталните инвестиции од областа на енергетика како што е изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште.
Да се надеваме дека парите наменети за развој на енергетиката ќе дадат одредени резултати.