10 години изминуваат оваа година во октомври од основањето на Енергетската заедница во октомври 2005. Енергетската заедница, која е меѓународна организација за енергетска политика, беше основана со Договорот за основање на енергетската заедница кој стапи на сила во јули 2006. Главната цел на Енергетската заедница е да го прошири внатрешниот енергетски пазар на ЕУ кон Југоисточна Европа и пошироко врз основа на правно обврзувачка рамка.
Поконкретни цели на Енергетската заедница се:
– Да привлече инвестиции во производство на електрична енергија и мрежи за да обезбеди стабилно и постојано снабдување со енергија што е суштинско за економскиот развој и социјалната стабилност;
– Да создаде интегриран енергетски пазар кој овозможува прекугранична трговија со енергија и интеграција со пазарот на ЕУ;
– Да ја зајакне сигурноста во снабдувањето;
– Да ја подобри животната средина во врска со снабдувањето со енергија во регионот; и
– Да ја подобри конкуренцијата на регионално ниво и да ги искористи економиите на обем.
Членовите на Енергетската заедница денес се: ЕУ –страна на Договорот, при што 19 од 28 земји членки имаат статус на учесник; договорни страни – Албанија, Македонија, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија; набљудувачи се Грузија, Норвешка, Турција и Ерменија; од кои Грузија исто така е кандидат.
Секретаријатот на Енергетската заедница, што е единствената постојана институција на Енергетската заедница, ја разгледува имплементацијата од страна на страните на нивните обврски кои произлегуваат од Договорот. Еднаш годишно подготвува Годишен извештај за имплементација кој претставува добар преглед на постигнатиот развој при имплементација на Договорот низ годините, позитивните постигнувања како и предизвиците со кои се соочуваат договорните страни вклучувајќи ја и Македонија. Опфатени области се природен гас, електрична енергија, сигурност во снабдување, обновливи извори, нафта, енергетска ефикасност, животна средина, конкуренција и статистика.
Македонија го ратификуваше Договорот во 2006 и оттогаш работи на реформирање на својот енергетски и поврзани сектори за да ги исполни барањата на Енергетската заедница. Овој коментар претежно ќе се фокусира на некои од поистакнатите прашања кои се повторуваат во извештаите во областите електрична енергија, природен гас, обновливи извори, енергетска ефикасност и конкуренција во поновите извештаи (од 2010) бидејќи во овие подоцнежни години извештаите се со забелешки посебно за секоја земја.
Сектор гас. Секторот гас на Македонија е критикуван во однос на повеќе аспекти. Најпрво, во неколку извештаи еден по друг (2010, 2011, 2012) нејасната сопственост на гасоводната преносна мрежа се споменува дека е проблем и дека истото има големо влијание врз развојот на пазарот на гас во земјата. Овој спор помеѓу државата и приватната компанија Макпетрол околу сопственоста не е решен до денешен ден. Понатаму, ГА-МА има лиценци за управување со системот за пренос на природен гас и за пренос на природен гас што не е во согласност со македонскиот Закон за енергетика. Законот за енергетика не дозволува ист ентитет да ги има двете лиценци. Енергетската заедница предложува и понатаму повеќе одвојување на функции. Последново се однесува на фактот дека Макпетрол заедно со државата ја контролира ГА-МА и во исто време Макпетрол има лиценца за трговија со гас, а е и најголемиот увозник на руски гас, и има во сопственост ќерка-фирма Промгас која ги снабдува тарифните потрошувачи и извршува јавна служба. Со други зборови, имаме вертикално интегрирана компанија која е моментално вклучена во снабдување и системско управување што не е во согласност со Директива 2009/73/ЕЗ. Други критични аспекти беа измените на Законот на енергетика во мај 2013 кои воведоа јавното приватно партнерство да биде генерален модел за изградба на дистрибутивни мрежи. Загрижува тоа што ова дискриминира други форми на инвестирање, на пример форми без вклученост на државата. И Меморандумот за разбирање за проектот Јужен тек потпиштан помеѓу македонската и руската влада не е во согласност со Договорот бидејќи исклучува пристап на трета страна. Од друга страна, за позитивни чекори се сметаат подготовката на физибилити студијата за развој на гасоводната преносна мрежа во 2010, и развојот на гасоводната дистрибутивна мрежа во градот Куманово и градот Струмица. Секторот гас во земјата е се уште мал (гасоводната дистрибутивна мрежа е неразвиена; капацитетот на постојниот гасовод е неискористен; природниот гас учествувал со 1.7% во финалната енергетска потрошувачка во 2010 според Државниот завод за статистика) и покрај плановите за гасификација, бавно се одвива развојот на овој сектор. Комплексната структура на пазарот на гас е главната бариера.
Обновлива енергија. Друг проблем кој беше споменат во повеќе од еден извештај (2010, 2011, 2012) се административните бариери со кои се соочуваат проектите во областа обновливи извори поради неефикасен, некоординиран и неусогласен пристап на сите јавни институции вклучени во промоција на обновливи извори. Наведено е дека МЕПСО и ЕВН како мрежни оператори треба да бидат потранспарентни кон производителите на електрична енергија од обновливи извори во однос на информациите за проценетите трошоци на конекција, време за процесирање на апликацијата и за овозможување на конекцијата. Подобро координиран пристап на сите институции или создавање на едношалтерски систем за сите апликации од обновливи извори би создало подобра инвестициска клима во земјата. Уште во 2011 Аналитика ја анализираше состојбата со политиката за обновливи извори во трудот наречен Предизвикот за постигнување на одржлива политика за обновливи извори во Македонија каде се наведува: “Процесот за стекнување на статусот на повластен производител, што е потребен предуслов за искористување на повластените тарифи, е долг и тежок. Вклучува многу институции како Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика, маркет операторот МЕПСО и за проекти под 1MW и општините, што сето тоа ги прави проектите скапи и ризични.” Изгледа дека низ годините релевантните институции не успеале сосема да соработуваат добро со цел да ги направат процедурите за обновливи извори поедноставни. Друго проблематично прашање (кое се споменува во извештајот за 2010,2011) и е поврзано со претходниот аспект за обновливите извори е дека цената на електричната енергија е субвенционирана и цената не ги одразува трошоците што е пречка на патот на промовирање на обновлива енергија.
Енергетска ефикасност. Во однос на енергетската ефикасност, повратната информација е различна за обврските на државата во однос на првиот и вториот акционен план за енергетска ефикасност. Всушност, државата беше пофалена за својот Прв национален акционен план за енергетска ефикасност како еден од најдобрите и најамбициозните такви планови во Енергетската заедница. Неговата индикативна цел за енергетски заштеди е 12.2% од финалната домашна енергетска потрошувачка до 2018, а вклучува и добар пакет на мерки за енергетска ефикасност за сите сектори. Други позитивни чекори беа Националната програма за енергетска ефикасност во јавните згради до 2018 и неколку важни проекти кои ја поддржуваат имплементацијата на енергетската ефикасност. Сепак, нацрт вториот Акционен план за енергетска ефикасност се уште не е усвоен. Заради тоа Македонија не ги исполнува барањата на Директивата 2006/32/ЕЗ. Нацрт вториот Акционен план за енергетска ефикасност поставува помалку амбициозна индикативна цел за вкупните енергетски заштеди од 9% во 2018. Нацрт вториот Акционен план за енергетска ефикасност исто така предлага воспоставување на Фондот за енергетска ефикасност. Се очекува Фондот значително да ја поддржи имплементацијата на мерките за енергетска ефикасност, но не е основан до денешен ден.
Конкуренција. Последниот извештај исто така ги дискутира надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика. Се напоменува дека истите треба да се прошират во согласност со Третиот енергетски пакет особено во врска со правото да извршува истраги, да изрекува мерки за промоција на конкуренцијата и соодветно функционирање на пазарот и да изрекува казни на фирми за природен гас и електрична енергија кои не работат во согласност со нивните обврски или да предлага на соодветен суд да изрекува такви казни. Севкупна оцена е дека Регулаторната комисија за енергетика не ја применува својата правно пропишана независност на максимален можен начин. Друга институција која исто така не ги исполнува посакуваните стандарди е Комисијата за заштита на конкуренцијата. Се наведува дека таа треба да биде повеќе проактивна во примената на конкурентното право што може да вклучува испитување на пазарот на електрична енергија. Истото важи за примената на правото за државна помош во енергетскиот сектор. Всушност, Комисијата за заштита на конкуренцијата ја
одолговлекувала истрагата на картелот во секторот на електрична енергија и Комисијата за заштита на конкуренцијата не испитала ниту еден случај на доделена државна помош во енергетскиот сектор.
Случаи. Многу важна информација за усогласеноста со правото на Енергетската заедница е механизмот за решавање на спорови. Страна на Договорот, Регулаторниот борд и Секретаријатот можат да покренат случај пред Советот на министри за неусогласеност на страна со правото на Енергетската заедница. Советот на министри може да утврди прекршување на страната на своите обврски. Во случаи на сериозни и постојани прекршувања, одредени права кои произлегуваат од примената на Договорот на страната на Договорот во прашање може да бидат суспендирани. Во однос на случаи на неусогласеност, за Македонија првиот беше во 2008 во областа на електрична енергија кој беше затворен по усвојувањето на новиот Закон за енергетика во 2011 кој ја поправи ситуацијата. Во моментот против Македонија има 4 тековни случаи – 1 во областа животна средина, 2 за електрична енергија и 1 за обновливи извори. Важно да се споменат последните два случаи – едниот во областа обновливи извори од 2014, кој е заеднички со неколку други страни, кој е за неуспехот да се усвои Националниот акционен план за обновливи извори. Поради тоа земјата ја прекршува Директивата 2009/28/ЕЗ. Случајот за електрична енергија од 2015 е за одложување на целосното отворање на пазарот на електрична енергија, што значи и за мали бизниси и домаќинства. Долгоочекуваната целосна либерализација на пазарот на електрична енергија ненадејно беше одложена и со тоа малите бизниси и домаќинствата се лишуваат од можноста да купат електрична енергија директно од снабдувачот кои сами би го одбрале.
Како заклучок, Македонија има работено на реформирање на својот енергетски сектор и поврзани области за да биде во согласност со правото на Енергетската заедница, и има постигнато напредок, но идентификуваните проблеми покажуваат дека има уште доста работа. Има многу предизвици кои земјата треба да ги надмине пред да ги исполни стандардите на Енергетската заедница и со тоа да го подобри животниот стандард на граѓаните.
Прво објавено од Аналитика на англиски и македонски јазик.