И покрај многуте позитивни својства кои ги поседуваат, биогоривата сè уште не го зазеле своето место меѓу најчесто користените видови горива за возила. Иако повеќе фактори влијаат на тоа, како цена на производство, недоволно развиена технологија за масовно производство и сл., можеби најголем фактор е корозивното влијание што бигоривата го имаат врз деловите од возилото. Затоа денес најчесто се користат во мешавина со обично фосилно гориво, што до некаде го намалува ефектот на корозија кој го предизвикуваат биогоривата. Во ваква форма се присутни и кај нас, како биодизел Б6, што значи содржи 6% биогориво.
Но, по се изгледа овој проблем ќе биде надминат во догледно време. Проектот Equimotor Plus, финансиран од развојната и истражувачка фондација Еурека, се стреми да ја подобри моменталната технологија и да работи на отстранување на корозивниот ефект на биогоривата. Целта на истражувањето е да развие моторски делови и да пронајде соодветни материјали за премачкување на моторот со цел намалување на корозијата, триењето и абењето на моторите кои работат со алтернативни видови на гориво и лубриканти.
Дел од истражувањето беше насочено кон развој на напредна карактеризација и тестирање на моторите за да се потврдат новите решенија. Технологијата може да се примени и кај гас и биомаса, каде корозијата исто така претставува проблем.
Биогоривата содржат голем процент на вода и кислород, кои имаат корозивно влијание врз моторот. Веќе подолго време постои страв и мислење дека биогоривата можат да предизвикаат оштетувања кај моторите.
Од организацијата Еурека планираат новата технологија да биде наменета првенствено за пазарите во земји каде има голема потрошувачка, но и производство на биогориво.