Во студија спроведена од Националната лабораторија на Пацифичкиот северозапад се откри дека со одгледување на алги во одредени региони на САД може да се произведат 21 милијарди галони (~80 милијарди литри) масло од алги. Студијата претставува темелна анализа на потенцијалот на земјата за производство на биогориво од алги, во поглед на достапноста на вода и обработлива земја.
-Во последно време алгите се често спомнувани при разговорите за биогорива, но досега никој не направил толку детална проценка колку можат САД да произведат и колку вода и почва би биле потребни за тоа – вели Марк Вигмоста, главен автор на студијата.
Процените покажуваат дека локацијата каде се одгледуваат алгите е огромен фактор ако се сака да се намали потребата од вода за производство на биогориво од алги. Истражувачите предлагаат одгледување на алги во сончеви региони и области со влажна клима, како заливскиот регион, југоисточното крајбрежје или околу Големите езера. Со вакво производство би се намалил увозот и би се задоволиле 17% од потребите на земјата за гориво за транспорт.
Маслото од алги може да замени и до 48% од моменталниот увоз на горива за превоз. Меѓутоа, поголем степен на производство би барал и значително поголема количина на вода и земја. Сепак, споредено со етанолот од пченка, маслото од алги користи значително помалку вода и алгите можат да произведат и до 80 пати повеќе гориво по хектар годишно.
-Водата е многу битен фактор кој мора да се земе предвид при производството на биогорива. Има уште многу други фактори, но алгите можат да бидат дел од решението на енергетскиот проблем, само ако паметно ја избереме местоположбата каде ќе ги поставиме фармите. Со тоа ќе ги задоволиме техничките барања за добивање на економски исплатливо биогориво – додава г. Вигмоста.
Една од опциите за ефикасно искористување на водата е да се користи отпадна вода. Од тоа има двојна добивка – евтино производство на масло од алги и прочистување на водите.
Преземено од EcoSeed