Како што е објавено на веб страната на Министерството за стопанство на Р.Хрватска, на фармата Градец во непосредна близина на местото Врбевец е отворена првата биогасна централа на компанијата Агрокор. Со оваа инвестиција Агрокор полека влегува и на пазарот на електрична енергија.
Вкупната вредност на оваа биогасна централа изнесува околу 55 милиони куни (околу 7,3 милиони евра). Инсталирана моќност на централата изнесува 1 MW а на годишен ниво ќе произведува околу 8.000 MWh на електрична енергија и околу 9.000 MWh на топлинска енергија. Произведената електрична енергија ќе го откупува HEP, додека топлинската енергија ќе биде искористена за потребите на производните погони на Агрокор. Основната суровина за добивање на биогас е свинско ѓубриво (65%) додека другите суровини ќе бидат набавувани од локалните соработници од прехранбената индустрија.
Вкупната инвестиција е реализирана од страна на Агрокор во соработка со словенечката компанија GH Holding, а подржана е од страна на Европската банка за обнова и развој.
Биогасната централа Градец претставува еколошки најпогоден начин за собирање на разни видови на органски суровини, за добивање на три производи: органско ѓубриво, топлинска енергија и електрична енергија.
Директорот на Агрокор енергија, Херман Сеидл, по повод на отворање на биогасната централа изјави:„Оваа биогас постројка е практичен доказ, како со една инвестиција во модерна технологија, се почитуваат директивите на Европската комисија, кои што за цел имаат поставување на норми кои што ќе ни ја обезбедат одржлива и сигурна иднина„