Само во 2011 година потрошувачката е зголемена за 3,5% во однос на претходната година. Статистичарите сметаат дека овој нагорен тренд е глобална карактеристика и може да им се припише на повеќе фактори, вклучувајќи го и изменетиот начин на живеење што бара повеќе комфор и опрема за домаќинствата
И покрај високата цена континуирано расте потрошувачката на електрична енергија во земјава, не само кај домаќинствата, туку и во индустријата, транспортот, услугите, земјоделството… Истовремено расте и увозот на струја кој во просек секоја година регистрира раст од околу 3%.
Ова го потврдува и неодамна објавената публикација Одржлив развој 2013″ на Државниот завод за статистика за зависноста на Македонија, а каде се посочува дека само во 2011 година потрошувачката е зголемена за 3,5% во однос на претходната година. Статистичарите сметаат дека овој нагорен тренд е глобална карактеристика и може да им се припише на повеќе фактори, вклучувајќи го и изменетиот начин на живеење што бара повеќе комфор и опрема за домаќинствата, како и поради зголемениот број домаќинства за кои се потребни соодветни електрични производи.
– Финалната енергетска потрошувачка во периодот 2000-2011 година бележи
континуиран пораст со исклучок на 2009 година кога опаѓа, пред се, поради економската криза. Но, поттикната од промените во моделот на потрошувачка и климатските промени, потрошувачката во домаќинствата континуирано расте и во 2011 година учествуваше со 28,4% во финалната енергетска потрошувачка – анализираат статистичарите.
Според нив, само во секторот Индустрија во 2011 година потрошувачка достигнала 34% од вкупната. Раст на потрошувачката е регистриран и во секторот Транспорт каде учеството во финалната енергетска потрошувачка достигнало 25,1%. Земјоделскиот сектор и натаму останува мал потрошувач на енергија со учество од околу 1,3% од вкупната финалната енергетска потрошувачка.
Во истата анализата се вели дека 45,8% од енергетските потреби на земјава се покриени од увоз од други земји. Учеството, пак, на обновливата енергија од сонце и вода во однос на вкупно потребната енергија изнесува 10,4%.
Фотоволтаичните електрани за прв пат се појавуваат во производството на електрична енергија во 2010 година. Оттогаш интересот на домашните и странските инвеститори постојано расте и токму затоа Владата и Регулаторната комисија за енергетика го зголемија лимитот на инвестиции во фотоволтаични централи од 10 на 20 мегавати.
Според последните податоци со кои располага МЕПСО, за периодот јануари – август годинава расте производството на електрична енергија од вода и сонце. За да штедат граѓаните струја неопходно е да инвестираат во соларни термални системи што би ја затоплувало водата во домаќинствата. Едно домаќинство со инсталирање на таков соларен систем годишно заштедува околу 2.400 киловат-часови, односно околу 13.000 денари.
Расте интересот и за инвестирање во мали хидроцентрали. Агенцијата за енергетика на РМ располага со податоци дека заклучно со крајот на август годинава во Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од ОИЕ евидентирани се 30 фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќност од 7,081 мегавати и планирано годишно производство на 9.596 мегават-часови електрична енергија.
До крајот на август регистрирани се и 22 енергетски објекти – мали хидроцентрали со вкупно инсталирана моќност од 12,57 мегавати и предвидено годишно производство на електрична енергија од 57.534 мегават-часови.
Агенцијата за енергетика на Република Македонија за да ја промовира енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија отвори Инфо центар каде што ќе се врши едукацијата на населението. При неговото отворање директорот на Агенцијата за енергетика, Лазар Гечевски посочи дека 42 централи имаат потпишано и добиено решение за повластена тарифа, а до крајот на годината уште 40 нови централи ќе бидат пуштени во работа.
Извор:ВЕЧЕР