По повод презентацијата на „Акциониот план за енергетски одржлив развој (СЕАП) на Град Скопје “, нашиот блог одлучи да направи интервју со институциите на градот Скопје во врска со истиот. Ви донесуваме интервју во кое подетално се објаснети некои аспекти на „Акциониот план за енергетски одржлив развој (СЕАП) на Град Скопје
Што Ве поттикна како град да прифатите акционен план за енергетски одржлив развој?
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, во програмата има предвидено повеќе проекти кои се реализираат перманентно во функција на стандардизирањето на енергетската ефикасност како извор на заштеда на енергија, но и зачувување на здравата животна средина.
Град Скопје е потписник на „Договорот на градоначалниците“ во Европскиот парламент, документ од кој што произлегува потребата, најнапред да се подготви Акциски план за енергетски развој на Градот Скопје до 2020 година. Акцискиот план е изработен како дел од проектот на германското друштво за интернаци0нална соработка (ГИЗ): „Градење капацитети за управување со енергијата во градовите Загреб, Подгорица, Сараево и Скопје“.
Кои мерки се предвидени во планот, за да се реализира енергетски одржлив развој?
Акциониот план ги предвидува сите мерки и активности кои се потребни за да се намали емисијата на CO2 во Град Скопје на 23,19% до 2020 година, во однос на референтната 2008 година или 442,9 kt CO2 , помалку во атмосферата.
Методологијата за Акциониот план е во согласност со насоките на Европската комисија. Планираните мерки, вкупно 39 , и потрошувачката на енергија се анализирани пооделно за трите главни сектори – згради – 21 мерка, транспорт – 17 мерки и улично осветлување – 1 мерка, како што е препорачано од страна на Европската комисија .
Секторот згради е поделен на три потсектори:
- згради во сопственост на Градот Скопје;
- згради на комерцијалниот и услужен сектор кои не се во сопственост на Градот Скопје;
- станбени објекти.
Транспортниот сектор се состои од три потсектори:
- возила во сопственост на градот Скопје;
- јавниот транспорт во градот Скопје;
- лични и комерцијални возила.
Дали покрај локалните власти предвидувате и учество на приватниот сектор (и во која мера) во реализацијата на планот?
Приватниот сектор во реализација на планот би учествувал во сектор Згради, односно оние згради и објекти кои се во приватна сопственост. Со реализација на заштеда во енергијата со изолација на објектите и примена на обновливи извори на енергија и примена на штедливи светилки би допринел за намалување на емисијата на СО2 во атмосферата. Во сектор лични и комерцијални возила би допринел со примена на понови возила, односно со поголеми еколошки стандарди кои ги налага Европската Унија. Примена на возила со помала потрошувачка на горива или користење на возила кои работат на гас. Најефикасна реализација би имало, ако се користат возила кои не испуштаат штетни гасови, односно користат некоја од новите технологии на енергија (на електричен погон, водород и сл.)
Дали и колку планот за енергетски одржлив развој е во склад со европската енергетска политика ( три пати 20 до 2020 година)?
Многу од европските директиви се транспонирани во законодавството на Република Македонија:
- Директива 96/57/EC на Европскиот парламент и на Советот од 3 септември 1996 година за барања за енергетска ефикасност за домашните фрижидери, замрзнувачи и комбинации од двете;
- Директива 2001/77/EC на Европскиот парламент и на Советот од 27 септември 2001 година за промоција на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија на внатрешниот пазар на електрична енергија;
- Директивата 2004/8/EC на Европскиот парламент и на Советот од 11 февруари 2004 за промоција на комбинирано производство врз основа на потреба за топлинска енергија на внатрешниот енергетски пазар и дополнување на Директивата 92/42/EEC;
- Директива 2002/91/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 16 декември 2002 година за енергетски карактеристики на згради.
Преку следниве закони:
- Закон за енергетика (во процес на ажурирање) (Службен весник бр.63/06, 36/07, 106/08);
- Закон за градба (Службен весник бр.130/09);
- Закон за заштита на животната средина (Службен весник бр.53/05);
- Закон за локална самоуправа (Службен весник бр.52/02);
- Закон за градот Скопје (Службен весник бр.55/04);
- Правилник за енергетска ефикасност на згради (Службен весник бр.143/08);
- Правилник за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија (Службен весник бр.29/09);
- Правилник за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија произведена од високо ефикасни комбинирани потројки;
- Правилник за начинот на издавање на гаранции за потекло на електрична енергија произведена од од високоефикасни комбинирани постројки како и содржината, формата и начинот на водење на регистар на гаранции за потекло на електрична енергија произведена од високо комбинирани постројки.
Кои се временските рамки за реализацијата на планот?
Временски рамки за реализација на планот се 2011 – 2020 година.
Што прво планирате да реализирате, поточно кои се првите чекори во планот?
Први чекори на реализација на планот ќе бидат:
- Во најкус рок да се воспостави организациска структура (координација, спроведување, следење на Акцискиот план);
- Воведување на систем за следење на потрошувачката на енергија и индикаторите во Градот Скопје.
По реализацијата на планот кои се очекуваните ефекти, поточно за колку очекувате намалување на трошењето на електричната енергија, намалувањата на CO2, парични заштеди итн.
За сите сектори и потсектори за кои беа собрани податоци за потрошувачката на енергија за 2008 година, беше направена анализа. Вкупната потрошувачка на енергија во градот за сите три сектори е 3,67 TWh, од кои најголем дел (71%) отпаѓаат на згради. Вкупните емисии на CO2 за Град Скопје во 2008 година изнесуваа 1,61 Mt CO2, од кои најголемо учество има секторот згради (84%), потоа секторот транспорт (27%), додека емисиите од јавното осветлување се скоро незначителни (1%). Во согласност со резултатите од анализата, најголемиот дел од мерките за намалување на СО2 емисиите поврзани со секторот згради и секторот транспорт. Вкупниот потенцијал за намалување на идентификуваните мерки е околу 1,46 Mt CO2, или нешто повеќе од 23% од емисиите на CO2 во 2008 година, што е повеќе од планираната цел од 21%. Поради оваа причина, за да се постигне целта не е потребна имплементација на сите усвоени мерки, туку е потребно да се направи избор соодветен на приоритетите (време, организациски и финансиски можности).