Сакате да имате свој супер модерен, брз и елегантен спортски автомобил и наместо на бензин да користите струја за напојување? Немате пари? Па направете си еден таков. На овој потег се одлучи и младиот Мате Римац од Хрватска.
Додека во средно техничко училиште другарите поправаа појачувала за електрични гитари, Мате измислил посебна ракавица што може да ги замени глушецот и тастатурата. Но „стара љубав заборава нема“, и Мате го направил својот прв автомобил на електричен погон, а прочитајте и како:
Мал број на луѓе се одлучува да направи сопствен автомобил, а уште помал број на луѓе се одлучува да направи електро – автомобил. Од каде потекна идејата, поточно што Ве има инспирирано да направите сопствен електро – автомобил?
Сè почна од моментот кога ми се запали моторот на BMW што го возев на една трка. Кога ја завршив трката, го извадив моторот и сè што гледав е големата дупка под хаубата. Тогаш ми падна на памет, ќе направам автомобил на струја. Но не каков било автомобил на струја, туку најбрзиот автомобил на струја. Потребните делови ги набавив преку интернет и самостојно направив прва верзија на електрична коцка. Најголемиот проблем, додека го развивав автомобилот, ми беше големата маса и малата јачина на автомобилот, па од тие причини се одлучив да составам еден тим и започнавме самостојно да ги развиваме потребните делови. Видовме дека ние сами можеме подобро да направиме одредени делови. Денес, имаме петта генерација на BMW, и сите делови се изменети, од стариот BMW остана само каросеријата и тоа практично не е повеќе BMW, тоа сега е Rimac e-M3. Како производители на автомобили добивме VIN број и денес Rimac e-M3 е прво возило до M1 категорија (лични автомобили), и во неговата возачка дозвола пишува дека е по потекло од Хрватска.
За мене пресвртницата да создавам личен автомобил од самата нула, беше тогаш кога сфатив дека од стариот BMW не остана ништо и дека сите делови мораше сам да си ги направам. Тоа на некој начин беше и логична низа на околности, бидејќи од мали нозе сум голем фан на автомобили. Го отворив моето претпријатие Римац Автомобили ДОО, и денес веќе работам на проектот Concept_One.
Забележав на интернет, дека каросеријата на Вашиот електроавтомобил е каросерија на BMW-u 3 E30. Од кои причини ја одбравте оваа каросерија?
Кога прв пат купував автомобил, барав автомобил кој ќе ми биде најдобар за дрифт трки. Така падна одлука да го купам BMW-u 3 E30, кое веќе беше подесено за дрифт трки, но со бензински мотор. Како што реков погоре, на една трка моторот ми се запали и ми остана каросеријата. Логично беше да го преработам тој модел.
Кои се техничките карактеристики на Вашиот електричен автомобил и како го решивте проблемот со батеријата – големата маса и време на напојувањето?
Model | Rimac e-M3 | The Concept_One |
Motor voltage | 330 V | 550 V |
HP/kW | 600/447 | 1.088/811 |
Torque | 900 Nm | 3.800 Nm |
Battery capacity | 24 kWh | 92 kWh |
0-100 km/h | 3,3 sek. | 2,8 sek. |
Top speed | 280 km/h | 305 km/h |
Kerb weight | 1.050 kg | 1.650 kg |
Length/width/height in cm | 432,5/176/138 | 414,7/181,5/107 |
Range per charge | 200 km | 600 km |
Големата маса на батериите не претставуваше проблем, бидејќи Rimac e-M3 е сега околу 100 kg полесен, отколку кога имаше бензински мотор. Единствениот проблем е високата цена на лесните и квалитетните литиумските батерии. Исто така и времето на напојувањето на батериите се решава, доколку во близина имате доволно силен извор на електрична енергија. Покрај мојата куќа имам трафостаница, а во гаражата е инсталиран индустриски трофазен приклучок со соодветна инсталација. Тоа ми овозможува брзо полнење на батериите – за 20 минути.
На наредниот саем на автомобили во Франкфурт, ќе го претставите Вашиот нов електроавтомобил. Дали можете да нѝ кажете нешто повеќе, за што се работи?
Производство на автомобили е мојот сон. На 13.09 во 15 часот Римац автомобили ќе имаат светска премиера на електроавтомобилот Concept One. Се работи за луксузен супер спортски електричен автомобил. Многумина нè прашуваат дали сакаме да му конкурираме на Тесла, но ние мислиме дека тие не нѝ се конкуренти. Нашите конкуренти се пред сè Pagania, Koenigsegga, Bugati Veyron, но ние сме посебни бидејќи нашиот автомобил е на електричен погон. Ние не ги работиме автомобилите на електрична енергија поради заштитата на човековата околина, ние ги работиме бидејќи мислиме дека електричниот погон е во секој поглед подобар. Посебната карактеристика на нашиот автомобил е таа што тој има 4 мотори а секој мотор посебно управува со секое тркало. На таков начин добивме нешто што го нарекуваме All Wheel Torque Vectoring, а тоа ќе Ви овозможи потполно различно искуство во возењето.
Дали планирате помасовно производство на електроавтомобили, или ќе ги произведувате по нарачка во ограничени серии?
Не планираме масовно производство, бидејќи со масовното производство не можеме да им конкурираме на големите производители на автомобили. Планираме да останеме мала мануфактура, која ќе произведува 10-15 автомобили на годишно ниво. И самиот број на Concept_One ќе биде ограничен на 88 автомобили. Автомобилот ќе биде луксузен, ќе се произведува по нарачка и според посебните желби на купувачите.
Дали можеме да очекуваме претставување на Вашиот електричен автомобил и во Македонија?
За сега не планиравме претставување на нашиот автомобил во Македонија, но никогаш не се знае. Можеби ќе биде прилика и за тоа.