Централно европската иницијатива (Central European Initiative), Регионалниот Совет за соработка (Regional Cooperation Council) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), денес одржаа национална работилница за унапредување и развој на локалната економија преку производство на биогорива и рурални иновации во рамки на ЕУ проектот „Унапредување на соработката во Jугоисточна Европа со помош на активности за зајакнување на Регионалниот совет за соработка (RCC)“.
Според експертите, вкупно 28 проценти од вкупната потрошена енергија во Република Македонија, до 2020 година, треба да биде произведена од обновливи извори на енергија, наметнува една директива на Европската Унија. Таа бара во Албанија 38% од енергијата да биде од обновливи извори. Во Црна Гора овој процент е 33, за Србија 27, Молдавија 17, Босна и Херцеговина 40, Хрватска 20 и Косово 25 проценти од обновливи извори на енергија.
„За да се избегне натпреварот меѓу храната и енергијата, се преминува кон втората генерација биогорива. Производството на биогорива од храна предизвика низа проблеми, како што е зголемување на цената на чинење на храната и нејзина употреба за енергија наместо за прехрана, како и уништување на биодиверзитетот. Затоа, сега преминуваме кон производство на биоенергија од отпаден материјал. Како држави од ЈИЕ имаме две можности: или да (о)станеме енергетски зависни (да увезуваме био-енергија) или сериозно да се позанимаваме со нејзино производство од отпаден материјал и создавање нови работни места“, објасни Мирослав Спасојевиќ, консултант на проектот.
Досега, Факултетот за електротехника и информациски технологии учествувал во проекти за обновливи извори на енергија, а изработил и проект за производство на биогас и енергија од отпад.
На работилницата беше истакнато дека овој вид биоенергија има огромен енергетски интензитет во земјите на Западен Балкан, но за жал, тој потенцијал не се следи со соодветни инвестиции и не е искористен во соодветна мерка. Од друга страна, овие извори на енергија имаат огромно значење за регионалната сигурност и снабдувањето со енергија.
„Со оглед дека потенцијалите на биомасата се огромни, Регионалниот совет за соработка, преку овој проект, сака да посвети внимание на биогоривата во регионот. Со оглед на строгите европски критериуми што ги наметнува Европа до 2020 година, пример, дури 10% од потрошувачката на енергија во транспортот треба да биде биоенергија. Затоа, нашиот проект ги анализира потенцијалите за производство на биогорива“, вели Мирослав Кукобат, сениор-експерт за енергетика во Регионалниот совет за соработка.
Споредбедно, едно истражување спроведено во 2010 година, покажува дека Македонија, на годишно ниво, произведувала околу 200.000 тони биогориво, Бугарија 240 илјади тони, Хрватска 30.000 тони биогориво.
„На денешната работилница на ФЕИТ, на која присуствуваа најважните чинители во енергетиката во Македонија, беа презентирани проекти за обновливи извори на енергија со регионални димензии. По оваа работилница одредени проекти ќе бидат презентирани на следната конференција во Белград, Србија, во јануари 2014 година. На оваа конференција ќе присуствуваат претставници од Европската Унија, донатори и банки кои ќе изразат интерес да ги финансираат овие проекти, но и претставници на институтот Fraunhofer и London Polytechnic School, како раководители на конзорциумот за реализација на еден проект од овие области кој се реализира во рамките на 7-та Рамковна програма“- објасни проф. д-р Христина Спасевска, национален експерт на Регионалната иницијатива за енергетски одржлив развој.
Основната цел на овој проектот, финансиран од регионалниот предпристапен фонд – ИПА 2010 (Instrument of Pre-accession Assistance – IPA Multi-Beneficiary Regional Programme 2010), е да се придонесе кон регионална кохезија во Југоисточна Европа, како и во процесот на приклучување на државите од западен Балкан во Европската Унија.