Во претходните текстови доста се пишуваше за биогас и негово производство. Она што малку се спомена беше како да се искористи тој гас. Колку произведуваме зависи пред сè од количината на биомаса со која се располага и големината на дигесторот. Доколку се произведува во мала количина најпрактично е тој истиот да се искористи за готвење. Од друга страна, ако се работи за поголем дигестор, тогаш гасот може да се искористи на подобар и поефикасен начин. Најефикасен начин за искористување на истиот е со помош на когенеративна постројка. Инаку, когенеративната постројка служи за производство на топлина и на електрична енергија. Така што станува збор за еден вид на електрана која паралелно произведува електрична и топинска енергија. Доколку наидете на поимот тригенеративна постројка тогаш треба да знаете дека таквата постројка нуди можност и за ладење на простории покрај производството на електрична енергија и топлина. Како гориво за работа покрај гасот може да се користи речиси секој друг вид на гориво како дрвна маса, водород, нафта и др.
Денес покрај мали куќни системи имаме и големи системи кои се користат за загревање
на цели населби, а при тоа произведената енергија се продава. Она што е карактетистично за овие централи е големиот коефициент на искористување на електрична енергија кој е некаде помеѓу 70 и 90%. Примената на когенеративни како и тригенеративни постројки е сè помасовна во западните земји. Типичен пример за когенеративна постројка е комбинираната гасна електрана Те-То која работи како когенеративна постројка и од тука затоа почесто се користи терминот комбинирана.
Без разлика што во моментот иницијалната инвестиција е релативно голема, сепак се очекува со време да се намали таа цена. Со оглед дека има и помали системи за куќна употреба, оние со подлабок џеб можат да си дозволат да си набават еден ваков систем кој не само што би го загревал нивниот дом туку и би го снабдувал со електрина енергија.