Заради хаваријата во Фукушима, една од најголемите нуклеарни катастрофи во историјата, Јапонија е принудена да обрне повеќе внимание на обновливите извори на енергија. Сосема случајно, во истиот период кога се случи земјотресот и хаваријата, научници на Кјушу Универзитетот претставиле нов револуционерен дизај на ветерни турбини кои би требало да генерираат два до трипати повеќе електрична енергија од традиционалните ветерници. Една година подоцна, веќе се произведени првите ветерни турбини од овој тип.
Моментално Јапонија од ветерна енергија задоволува помалку од 1% од своите потреби, но со новите турбини, наречени „ветерни леќи“, тимот научници очекува ветерната енергија наскоро да стане поевтина од нуклеарната. Досега, двата главни недостатоци на традиционалните турбини се нивната ниска ефикасност и големата бучава која ја прават. Но, истражувачите откриле дека со поставување на прстен околу периметарот на елисите се зголемува фокусот на дотокот на воздух низ зоната на елисите, и тоа со 2-3 пати поголема брзина. Како бонус на ова, се добива и поголема безбедност со покривањето на врвовите на елисите и помало звучно загадување.
За целосно искористување на ветропотенцијалот кој го има Јапонија, тимот научници дизајнирале и хексагонална платформа за турбините која би била евтина за правење, но сепак доволно силна да издржи на тешките морски услови. Дизајнот на платформите дозволува и лесно додавање на нови турбини за зголемување на ветерната фарма.
-Иако „ветерните леќи“ изгледаат едноставно, системот се состои од комплексни технолошки решенија и темелно планирање и тестирање. Претходни вакви проекти кои биле лошо осмислени и пропаднале оставиле лош впечаток кај голем број на корисници. Затоа одлучивме самите да направиме целосен систем – од обвивката на леќите до елиси, генератори, контролери итн. Најдобра опција би било целосно да се заменат старите турбини со нашиот систем – вели Такаши Матсуар, дел од тимот.
Досега се дизајнирани неколку типови на турбини со различна моќност. На пример, две турбини наменети за тестирање, со моќност од 70 и 100kW со дијаметар од 12.8 метри, се инсталирани на кампусот на Кјушу Универзитетот. Од друга страна, голем број на мали, резиденцијални турбини веќе се откупени од некои компании и веќе инсталирани во голем број области. Овие турбини се со моќност од 3 до 5kW и дијаметар од 2.5m.
Меѓутоа, што се однесува до големите индустриски турбини, потребно е уште тестирање, кое може да потрае од неколку месеци до две години, пред првите ветерни леќи да дадат значителен удел во производството на електрична енергија во Јапонија. Сепак, од тимот нагласуваат дека голем број на енергетски компании од Европа, САД, Канада и други региони од светот покажале голем интерес за новите ветерни турбини, пред сè заради нивната поголема ефикасност и безбедност.
One Comment
Tomislav
Gledam deka mnogu ste zapozaneni so wind turbinite, pa bi ve zamolil za kontakt na mojot mail.
Jas licno sum zainteresiran za nabavka na wind turbine i toa od pomala golemina na pr. dve ili tri od po 15kw. za proizvodstvo i prodazba na elektricna energija na energetskiot sistem.
Potrebni konsultaii i sovet.
Pozdrav
Ve molam za kontakt na mojot mail.