Никогаш не можете да ги поврзете точките гледајќи нанапред, туку наназад. Јас и моето семејство живееме во Битола, под Пелистер. Секако важи за одлично место за живеење, но со последните информации имам голем сомнеж дека живееме во здрава животна средина.
Градот под Пелистер се соочува со ужасна статистика: неделно откриваат по 2 случаја на болни од рак на бели дробови. (Утрински)
Како прво горнава статистика е ужасна. Тоа значи дека на 100 луѓе од Битола годишно им се открива рак на бели дробови. Тоа значи дека во период од просечен век на еден човек ќе заболат над 7.000 луѓе што е речиси една десетина од бројот на жители во Битола. Тоа значи дека во вашиот животен век, може со сигурност да се каже дека ќе познавате лице кое заболува од рак на белите дробови.
Не сакам да ве уплашам, туку да ја ставам тезата на маса: Дали азбестот од РЕК Битола ја убива Битола?
Во последните случувања покрај партиските препукувања, се одржа и трибина за да се неутрализираат пишувањата во весниците.
И на трибината со наслов „Влијанието на загадувањето во Битола“, која неодамна се одржа на Славјанскиот универзитет во Битола, м-р Христина Томовска рече дека суспендираните честички се јавуваат како резултат на издувните гасови што доаѓаат од автомобилите, но и поради согорувањата од дрвата. Всушност, според неа, најопасните честички за човековото здравје се производ на секојдневните потреби на човекот. (Утрински)
Прво Битола не е единствениот град во Македонија во кој најголем дел од луѓето користат дрва за греење и далеку од тоа дека е единствениот град кој има автомобили. Но зошто во самите изјави никој не го спомнува РЕК Битола. Точно е дека вработува илјадници луѓе, но здравјето на сите не треба да се става пред интересот ниту на државата ниту на поединците (како случајот Топилница Велес). Ако веќе постои проблем, да го видиме, да го дискутираме и да го решиме. Мразам општество во кое проблемите се стават под тепих и затоа мислам дека треба јавно да се проговори за проблемот.
Првиот одбрамбен механизам на надлежните (читај РЕК, министерства, локална самоуправа) би било – па не е само РЕК Битола термоелектрана во регионот, постојат и многу други термоелектрани во регионот и светот со сличен капацитет и механизам како РЕК Битола. Се согласувам и со ова, можеби не е самото согорување причина, бидејќи последниве години се правеше модернизација на термоблоковите, со што се продолжи векот на РЕК Битола, но и се подобри еколошката карактеристика на оваа термоцентрала.
Каде лежи зајакот? Секогаш во грмушката која е блиску до нас. Иако се направи ревитализација на агрегатите, она кое изгледа како безопасен дел на РЕК Битола се трите ладилни кули кои ја кондензираат пареата и ја разладуваат. Вистината е дека овие кули во себе содржат над 3.000 тони или над 10.000 метри кубни АЗБЕСТ или азбестно саќе кое ја зафаќа пареата и ја кондензира. Сепак бидејќи самата пареа поминува низ саќето, голема е веројатноста со себе да понесе микро честички од канцерогениот азбест кој потоа постои во воздухот кој може да се вдише од страна на луѓето. Не можам со сигурност да тврдам дека ова е причината за зголемената појава на рак во Битола, но мислам дека веројатноста за ова е голема.
Бидејќи секаде во светот азбестот се исфрла и се депонира во специјални депонии, мислам дека овој голем проблем треба под итно да се реши кај нас. Отстранувањето и заменувањето со друг материјал на азбестното саќе веќе одамна е направено на повеќе локации во регионот, што значи дека тоа треба под итно да се направи во Битола. Во 2011 година со двајца еминентни професори и неколку вработени од РЕК Битола во рамки на Програмата за Чиста Индустрија на Норск Енерџи изработивме предфизибилити студија Modernisation of Cooling Towers in TPP Bitola која покажа дека од еконмски аспект, промената на полнежот на ладилните кули, освен еколошкиот, социјалниот има и голем економски ефект.
REK Bitola is the largest coal fired power plant in Macedonia. The owner of the plant is the state utility company ELEM . Installed capacity is 675 MW. Average annual electricity production is 4,34 TWh. The power plant has three blocks of 225 MW, each with boiler, turbine and cooling tower. This report analyse replacement of the present asbestos cement fill in the cooling towers by modern PVC or PP fill. The report concludes that this replacement will lower the cooling water temperature, and thereby improve the overall efficiency of the power plant from 30,93 % to 31,12 %. The investment is estimated to 10 mill EUR. The reduction of CO2 emissions will be about 25000 tons per year.
Имено со самата инвестиција, се подобрува енергетската ефикасност на ладилните кули, која значи поголемо производство на електрична енергија и дополнителна заработка од околу 1 милион Евра. Истот проект можеше да се квалификува и како проект на Механизмот за Чист Развој во рамките на Кјото протоколот (или пак во механизмот кој ќе го наследи) и да добие дополнителни средства од јаглеродните кредити.
Трошоците за транспортот и депонирањето на азбестот се проценети на 3 милиони евра, но треба да се направи дополнителна проценка, при што можно е тие трошоци да се помали. Владата МОРА да го финансира складиштењето на азбестот и од тука делот на таа инвестиција е на терет на Буџетот на Македонија. Од тука исплатливоста на набавката на нови полнежи на кулите за ладење е на ниво на исплатлив бизнис проект, многу поисплатлив од некои тековни проекти во секторот.
Постои индиција дека овој проект имал поддршка за реализација., со оглед на тоа дека се објавени тендери за ревитализација на ладилните кули, но сеуште нема реализација на истиот. Без разлика дали одговорот на прашањето: Дали азбестот од РЕК Битола ја убива Битола? е позитивно или негативно, потребни се следниве чекори со цел да се направи заштита на здравјето на луѓето.
- Веднаш да се алармира пошироката јавност во Битола за можната штетност на азбестот од РЕК Битола
- Да се побара од локалните и државните власни под итно да почнат со спроведување на неопходните мерки за подготвување документација за проектот
- Да се најде начин за транспорт и депонирање на азбестот
- Да се направи замена на полнежите и да се реализира проектот
Текстот првично е објавен на следниот блог.
Извор на користени фотографии во натписот:
https://www.makdenes.org/content/article/1945617.html
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9F%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%BA%D0%B0:BitolaPanorama.jpg
2 Comments
Pingback: ЕУ и јагленот: Од страствена љубов до отворена врска
НЕ Е БИТНО
Што станува и со енормното трошење на мазут во производството на струја? Заради слабиот квалитет на јагленот се повеќе се користи мазутот за подигање на калориќната моќ при со-
горувањето, и при тоа најмногу не труе како преку воздухот, така и преку храната. А кога
ке треба да се излези на протест поради ваквите работи ке излезат само неколку души, а
другите ќе си гледаат сеир, а и од тие неколку души некој протестот ќе го искористи како онаа
госпожа од Скопје која протестираше против поскапувањето на струјата, па го искористи протестот одма да ја запослат. ПРАВА ВЛАДА АКО МИСЛИ ДОБРО ЗА ОВИЕ СВОИ ГРАЃАНИ
ПРОБЛЕМОТ ПОД ХИТНО ЌЕ ГО РЕШЕ СО ГАСИФИКАЦИЈА НА ТЕРМОЕЛЕКТРАНАТА!