Сите сме запознаени со економската страна на штедливите светилки. Имено, бидејќи трошат помалку електрична енергија од класичните светилки, помалку плаќаме за електрична енергија. Но, дали всушност знаеме што се штедливи светилки, како се добиваат, на кој принцип работат итн.
Во овој пост ќе ви презентираме неколку факти во врска со штедливите светилки, а кои се објавени во советувањето „Осветлување 2009“ напишано од страна на Небојша Радивојевиќ.
Кои ресурси нѝ се потребни за производство и транспорт на штедливи светилки?
За да се произведе една штедлива светилка, потребно е од 6-40 пати повеќе енергија за разлика од класична светилка. Бидејќи штедливите светилки се поголеми од класичните светилки (масата и волуменот се поголеми) потребна е поголема енергија за нивниот транспорт од производителот на штедливата светилка до крајниот потрошувач. Ако имаме предвид дека скоро сите штедливи светилки се произведуваат во Кина или Тајван, можете да претпоставите колку е поголем трошокот на енергија за нивниот транспорт.
Производство на штедливи светилки бара повеќе материјални ресурси. Имено, за производство на штедлива светилка потребни се:
- Стакло
- Лим
- Бакар
- Калај
- Жива
- Олово
- Антимон
- Бариум
- Арсен
- Итриум
- Фосфорни соединенија
- Цинк-бариум-силикат
- Кадмиум бромид
- Ториум
- Пластика
Само за споредба, за производство на класични светилки, потребни се следните материјали:
- Стакло
- Лим
- Бакар
- Калај
- Волфрам
Интензитетот на светлината
Голем број на производители (ако не и сите) во прв план го истакнуваат следниот факт:„Штедливата светилка од 11W ја заменува класична светилка од 60W”.
Но она што е битно и што не се истакнува одма во прв план е интензитетот на светлината кај штедливите светилки. Имено, интензитетот на светлината кај штедливите светилки од 11W изнесува 570-610 lm. Додека интензитетот на светлината кај класичната светилка од 60W изнесува 710 lm. Од овие факти можеме да видиме дека разликата во интензитетот на светлината кај штедливите светилки од 11W е од 15-20% послаб од интензитетот на светлината кај класичните светилки.
Работниот век на штедливите светилки
Работниот век на штедливите светилки кои е означен во декларацијата на производот реален е само во идеални услови на користење на светилката, што значи 2,7h дневно работење, циклуси од 60 минути на самото работење и 90 минути на мирување.
Во стварноста 50% на штедливи светилки на реномирани брендови откажува пред да истече гарантираниот број на работните часови, додека тој процент е поголем кај „no name“ брендови. Честото палење и гасење на штедливите светилки дополнително го намалува нивниот век на работење.
Рециклирање
Трошоците на рециклирање на една штедлива светилка се движат помеѓу 0,3-1,00 евра. Рециклирање на штедливите светилки не е економски исплатливо и се прави само поради безбедното складирање на живата. За жал, во Македонија сѐ уште не постои организиран центар за собирање на производи кои во себе содржат жива, па така живата од штедливите светилки завршува на депонии.
Влијание на човековото здравје
Енергетските премини во синиот дел на спектарот на флуоресцентни извори на светлина имаат влијание на хормоналната нерамнотежа во човечкиот организам, поточно на нивото на мелатонин и серотонин, хормони кои имаат влијание на човечкиот циркадијален ритам. Имено, нивото на овие два хормони зависи од сигналите од очните рецептори задолжени за сината светлина. Едноставно кажано, доколку е ноќ, организмот добива порака дека е ден, па поради тоа се зголемува лачење на „дневните“ хормони.
Што треба да преземите доколку штедливата светилка ви се скрши? Да напомнеме дека ова не е истакнато на кутиите од штедливите светилки!!!
- Отворете ги прозорците од просторијата и излезете од истата на 15 минути
- Соберете ги стаклените остатоци од сијалицата со некоја хартија, бидејќи живата сѐ уште се наоѓа на стаклото и може лесно да навлезе во Вашиот организам доколку се расечете
- Подот да се избриши со влажна крпа
- Доколку остатоците се собираат со правосмукалка, кесата од правосмукалката да се извади и сосе остатоците од светилката да се одложи во добро затворена пластична кеса.
Што е алтернатива?
Сега сигурно ќе се запрашате:„ Па кои тогаш светилки да користам? Класичните многу трошат струја, штедливите се штетни…?“.
Постојат две алтернативи:
- Халогени светилки “C” класа, работен век 2,000 часови, 30% поекономични од класичните светилки, континуиран спектар
- LED светилки, работен век 25,000 часови, не содржат жива, нема UV и IR зрачење.
Заклучок:
Само 5% од вкупната електрична енергија се користи за расвета во одреден станбен објект. Поголема заштеда на електрична енергија ќе добиеме доколку порационално ги користиме апаратите како што се бојлер, клима уреди, шпорети итн., отколку ако ги смениме сите класични светилки со компакт – флуоресцентни светилки.
3 Comments
Devil
Незнам дали некој го прочитал денешниот број на Вест (денес е 27.08.2011 (Сабота)), во него се истакнува како штедливите светилки се опасни за човековото здравје според некои истражувања на научници
Повеќе тука
https://www.vest.com.mk/?ItemID=AD1A71DE283EB94FB1…
Предраг Стојковски
Здраво Девил,
Да го прочитав текстот во Вест. Што да речам, освен да секоја технологија има и добри и лоши страни.
Pingback: Што со прегорени штедливи светилки?