Десет од вкупно 16-те пријавени компании ги поминаа претквалификациите на меѓународниот тендер за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште на реката Црна. Тие до 29 јули годинава треба да ги достават своите понуди за изградба на хидроцентралите по пат на јавно-приватно партнерство заедно со Електрани на Македонија.
– Владата на последната седница го усвои Извештајот на Комисијата за избор на концесионер за изградба на хидроцентрали на реката Црна со кој од 16-те компании кои имаа поднесено документација за претквалификација 10 ги исполнуваат условите. Владата го усвои извештајот со што успешно заврши првата фаза на претквалификација и започнува втората фаза, односно избор на концесионер, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција во Владата.
Тој нагласи дека фактот што 10 компании ги исполнуваат условите говори за зголемен интерес меѓу инвеститорите за проектиот и оти одлуката да се ангажира ИФЦ како консултант и да се повтори постапката била исправна. Зголемениот интерес, нагласи, се должи на квалитетниот консултант и активниот однос во процесот на регрутирање на компании.
Вицепремиерот очекува кон крајот на јули успешно да заврши и втората фаза и да се избере концесионер кој заедно со ЕЛЕМ ќе ги изгради хидроцентралите Чебрен и Галиште и ќе оперира со нив заедно со ХЕЦ Тиквеш со која ЕЛЕМ влегува во проектот. Целиот проект се очекува да чини од 600 до 700 милиони евра.
– Во новиот тендер не е прецизно наведена висината на браните како досега, но е наведена инсталираната моќност што дава определена флексибилност како ќе го направи техничкото решение оној што ќе ги гради. Има нешто поголема флексибилност од претходно, но сепак отстаувањата нема да бидат големи од претходно замисленото, рече Пешевски.
Министерот за економија Фатмир Бесими прецизира дека на тендерот се квалификувале АС Електрик од Обединетото Кралство, Едисон од Италија, Енергопро од Чешка, ЕВН АГ од Австрија, ППЦ од Грција, Шрабак Австрија, како и конзорциумите „ЦВЕ – ЦТГ – ПЦ од Кина“, „Ланко Индија и Комито Кореја и КХМП од Кореја“, „Косек од Кореја и Дајлинг Индустриал од Кореја“, „Пор Австрија и Ланц Серкјум од Исланд“.
– Овие компании до 29 јули годинава треба да ги достават понудите за изградба и Македонија да го добие најголемиот енергетски проект до сега, рече Бесими.
Директорот на ЕЛЕМ Влатко Чинговски истакна дека изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште е од исклучителна важност за електроенергетскиот систем на Македонија бидејќи со нивната изградба ќе се затвори процесот за енергетско искористување на Црна Река.
– Сметам дека овие 10 претквалификувани компании со своето досегашно работење, со искуството во оваа област, како и со нивната економска моќ претставуваат добар старт за избор на најповолен концесионер кој заедно со ЕЛЕМ во наредните седум години прво ќе пристапи кон изградбата на ХЕЦ Чебрен, а потоа и на Галиште и со тоа ќе го заокружи целиот процес на производство на електрична енергија од Црна Река, рече Чинговски.
ЕЛЕМ во проектот ќе учествува во делот на подготвителните активности, притапните патишта, експроријацијата и подготовката на земјиштето за изградба, изградбата на трафостаници и приклучувањето на објектите на електроенергетскиот систем и по изградбата на Чебрен со спојување со ХЕЦ Тиквеш ќе придонесе за максимална искористеност.
Значењето на Чебрен и Галиште, посочи, е големо не само за Македонија туку и за регионот, бидејќи ќе претставуваат еден од најголемите резервоари за вода. Како пумпнореверзибилни електрани значително ќе придонесат за балансирање на енергетскиот дел, а со тоа ќе овозможат и подобро искористување и поквалитетно и поекономично производство на електрична енергија.
Преземено од:АЛСАТ-М