Статијата е напишана од страна на М-р Жанина Стаменкова дги, Управител и сопственик на ДЕЛТА ПРОЕКТ доо Скопје www.deltaproekt.com info@deltaproekt.com
Што е тоа енегетска ефикасност?
Енергетската ефикасност е намалување на трошоците и потрошувачката на енергија без намалување на комфорот, без загрозување на здравјето, без негативно влијание на развојот, водејќи сметка за општиот интерес.
Кои документи постојат кои се однесуваат на енергетската ефикасност на еден објект?
Сертификат за енергетски карактеристики на згради, Потврда за усогласеност, Извештај за енергетска контрола и Елаборат за енергетска ефикасност.
Што е тоа Сертификат за енергетски карактеристики на згради?
Тоа е официјален документ со кој, меѓу другите податоци, се прикажува и класата на објектот врз основа на неговата потреба за енергија за греење. Документот има четити страни на кои се прикажани и: термичките карактеристики на градежните конструкции, финалната и примарната енергија по типови, емисијата на CO2 и препораки за подобрување на енергетската ефикасност на објектот.
Зошто секој објект кој се продава или издава треба да има Сертификат за енергетски карактеристики на згради?
Сертификатот помага во заштита на купувачите/изнајмувачите на објекти укажувајќи на квалитетот на објектот во однос на енергетската ефикасност, со тоа што информира за очекуваните трошоци за енергија, потенцијалите за заштеда на енергија и комфорот кој го нуди објектот.
Што е тоа Извештај за енергетска контрола?
Тоа е официјален документ кој укажува на термичките карактеристики на еден објект, на начинот на користење на енергијата во објектот, на техничките и економските можности за заштеда на енергија (со подобрување на изолационите својства на конструкциите, со промена на начините на греење, ладење и вентилација на објектот, со промена на осветлувањето, опремата и начинот на користење на објектот). За да се издаде Сертификат за постоечки објект мора да се направи енергетска контрола.
Што е тоа Елаборат за енергетска ефикасност?
Тоа е документ кој се изработува во фаза на проектирање и треба да им помогне на проектантите да се испроектира објект кој одговара на потребите и барањата на инвеститирот, а е во согласност со законската регулатива. Не е обврзателен, но го бараат во некои општини.
Што е тоа Потврда за усогласеност?
Тоа е официјален документ кој е дел од проектната документација и ги презентира термичките карактеристики на објектот кои мора да се во рамките на дозволените пропишани со законската регулатива.
Кои документи се обврзателни според законската регулатива?
Потврдата за усогласеност е неопходна за добивање на Одобрение за градба, а Сертификатот за енергетски карактеристики на згради за добивање на Одобрение за употреба. И двата документа се однесуваат на нови објекти и се засноваат на проектната документација.