По објавувањето дека ќе се воведат универзални полначи за сите видови на мобилни телефони, на ред дојдоа и универзални полначи за електрични автомобили. Како најдобро решение се покажаа приклучоци на германската компанија „Менекес“. Имено, се работи за компанија која веќе 70 години произведува специјални видови на приклучоци за електрична енергија.
Тимот на компанијата „Менекес“ веќе три години го развива овој производ, за кој велат дека е зделка на векот вреден повеќе милијарди евра.
Претходно, секој производител на електрични автомобили произведувал различен систем за напојување на електрична енергија. Но, иднината треба да донеси еден единствен приклучок за електрична енергија кој ќе биеи инсталиран на секоја станица за надополнување.
Како што пренесува Дојче Веле, скоро сите водечки производители на електричните автомобили се одлучија за приклучоците на германската компанија „Менекес“.
„Купувачите сметаат дека ние сме најдобар избор на пазарот“ вели Волтер Менекес, но и предупредува дека компанијата се соочува со бројни компликации во врска со изградбата на станици за надополнување со електрична енергија, бидејќи секоја европска држава има различен напонски систем.
„Не е во прашање само техничкиот развој, туку и комуникацијата со потрошувачите, кои во иднината треба да се одлучат за одреден систем за напојување, а паралелно со тоа мора да се движиме со конкурентите, производителите на возилата, дистрибутерите на електрична енергија … А сето тоа ќе ги продолжи роковите“, вели Фолкер Лацаро, шефот на развој во „Менекес“.
Владата на Германија планира да субвенционира користење на електрични автомобили со неколку милијарди евра и со тоа да даде поттик на купување на истите. Националната програма „Електромобилност“ предвидува субвенции од 3,8 милијарди евра до 2020 година, која за резултат ќе има неколку милиони возила на германските патишта.