Еден од проектите на владата во оваа година кој го привлече вниманието на многу луѓе е проектот купи куќа купи стан кој беше на големо и нашироко промовиран како една ретка можност за добар дел од нашите сограѓани да го решат своето станбено прашање. Колку аплицираа за овој проект е нешто кое допрва треба да се види. Она што нас не интересира е колку од оние кои аплицираа планираат да се зафатат со изградба на енергетски ефикасни куќи за живеење за кои доста тоа е пишувано на блогот.
Имено иако во Македонија веќе има компании кои знаат, умеат и веќе имаат изведено нискоенергетски куќи кои се со значително поголем степен на енергетска ефикасност од класичните градби на куќи кои ги гледаме во Македонија се добива впечаток дека има премал интерес за нив. Има повеќе причини зошто повеќето луѓе кои градат не се одлучуваат за ваков вид на градби. Веројатно една од поголемите пречки не е поради некој недостаток во однос на класичните градби туку повеќе во смисла на не – едуцираност кај повеќето луѓе за вистиските вредности на ваквите домови како и на некои предрасуди кои се уште постојат за нив.
Монтажни куќи е термин кој доста често е користен за да се опишат овој вид на куќи а кој опишува само еден аспект од целата градба. Со самото тоа повеќето луѓе добиваат впечаток дека се работи за некој вид на мини куќарки кои не се баш најстабилни, дека при поголеми ветрови или потреси веднаш ќе се срушат, дека лесно се заппалливи и др. Иако вистината е сосема спротивна тие предрасуди сеуште постојат. Повеќето од оние кои биле во некои од Западните земји знаат дека тој тип на куќи се речиси стандард и дека се поквалитетни речиси во секоја смисла од типичните резиденцијални градби во Македонија.
Во продолжение еве неколку факти за нискоенергетските куќи се со цел да се добие подобра слика за нивната практичност и предности споредено со класичните куќи градени со блок
– Нискоенергетските куќи имаат највисок степен на топлинска заштита. Според некои статистики (добиени од различни извори) благодарение на термичката изолација која ја имаат се добива до 50% намалени трошоци на енергија и енергенси за греење и ладење.
– Сеизмичко издржливи. Неспоредливо се поиздржливи на земјотреси од класичните градби со блок.
– До 8% поголема станбена површина во однос на класичните градби кои се со иста квадратура.
– Отпорност на пожари
– Нема кондензација на водена пареа на зидовите или појава на влага како што повеќето ја знаат водената пареа.
– Ниски трошоци за одржување
– Во принцип се градат за значително побрзо време од класичните градби. Иако повеќето градежни фирми тврдат дека 30 до 60 дена им е потребно за клуч на рака тоа е нешто за кое немаме доволно инфорамции и за кое не можиме да тврдиме дека е така со сигурност.
– Доста пониска цена споредено со класичните градби. Според некои неофицијални информации 250 до 300 евра по метар квадратен се движи цената за една ваква куќа во Македонија. Ова е цена за клуч на рака.
– Минимално влијание врз околината во смисла на емисии на јаглероден диоксид.
– Мала тежина
Иако веројатно има повеќе да се кажува за предностите кај овој вид на еко куќи споредено со класичните градби она што е досега кажано ќе мора да биди доволно да се добие една слика за нив. Во некој нареден текст ќе бидат дообјаснети и разоткриени некои од најголемите предрасуди и заблуди кои постојат кај просечниот Македонец во врска со овие видови на куќи.