Германските граѓани се надеваат на што поскоро воведување алтернативни извори на енергија, но нивниот доволен развој е оддалечен со децении. Фирма од Берлин пронајде начин да складира огромни количества енергија.
Големи, а едноставни постројки, кои изгледаат како најобични кутии, всушност се вистинско чудо на техниката. Во нив се складира струја – доволно струја за да снабдува помал град цели шест часа. Овие огромни акумулатори се´ уште се тестираат, но веќе сега е јасно дека функционираат и дека низ нивните кабли поминува заштедена струја.
Шефот на берлинската фирма „Јуникос“ Александер Фогт неодамна и’ го претстави овој изум на една делегација од Азорските острови во Атлантикот. Им вети дека наскоро ќе можат да ги угасат скапите генератори на дизел и дека 80 насто од енергијата ќе ја добиваат од еколошки извори.
„Веќе половина година подоцна го имаме и првиот потпишан договор со еден од островите, а наскоро би требало да потпишеме договори со уште осум острови. Значи, техниката се развива и очекуваме вистински бум во истражувањата на ова поле.”
Независност од големите електрани
Дури 300 проценти годишно – тоа е пораст за кој зборува Фогт. Тој сака со големи акумулатори да го снабди масовниот пазар. Се´започна со развојот на мали батерии кои, како агрегати, некоја фирма, установа или домаќинство би ја направиле независна од напојувањето струја од електрана. Прототип веќе постои и тоа во облик на литиум – јонска батерија, каква што има скоро секој мобилен телефон.
Технологијата значи не е нова, но новина е големината на акумулаторот, објаснува инженерот Бусо фон Бизмарк:
„Користењето големи литиум – јонски батерии е се´ уште во развој. На почетокот имавме потешкотии како воопшто да најдеме произведувач кој може да ни испорача волкави ќелии!“
Се очекува масовно производство
Сега тој проблем е надминат и Александер Фогт верува дека наскоро може да се очекува масовно производство:
„Се надеваме дека нашиот производ ќе биде масовно ’копиран’, бидејќи, на крајот на краиштата, не може една фирма да ги реши проблемите на целиот свет. Тоа би било преамбициозно.”
Значи, нема страв од конкуренција. Ионака инженерите на „Јуникос“ веќе сега работат на следниот патент: во прашање е некој вид пумпа за струја, која може да ги полни електро-автомобилите во секоја приватна гаража.
Автор: Мануел Ечеркес / Светлана Брик
Редактор: Горан Чутаноски
Преземено од: Дојче Веле