Енергетската ефикасност може да ја најдеме насекаде околу нас, од енергетски ефикасни апарати до мали ситнци кои ни го олеснуваат животот. Една идеја која е стара повеќе векови, а која денеска ја воведуваме одново е експрес лонецот.
По природа сум гурман и обожавам да готвам, варено, пржено, печено… Нашиот експрес лонец беше свадбен подарок и стоеше подолго време додека не почнав да читам за начинот за готвење со него и конечно пред неколку месеци почнавме да го употребуваме. За семејство кое нема многу време за ручек (посебно за подготовка) ова беше пронајдок кој го скрати времето на подготовка на половина, а потрошувачката на енергија за две третини. Но да почнам од почеток:
Експрес лонец е лонец (тенџере) за готвење во кој храната се готви под притисок. Со овој начин на готвење, храната се готви побрзо и има поинаков вкус бидејќи храната ги зачувува хранливите состојки.
Принципот на работење на експрес лонецот притисок е пронајден од страна на францускиот научник Денис Папен (1647-1712). Поради тоа овој лонец, исто така, се нарекува Папенов лонец или Лонец на пареа (за готвење на пареа). Папен овој принцип го пронајде во 1679 година, но лонецот почнува да се користи масовно за време на втората светска војна, кога луѓето увиделе колку заштедува енергија овој начин на готвење во споредба со стандардните тенџериња. Не само што го намалува времето потребно да се подготви храната, но исто така заштедува околу 68% од енергијата (Извор: www.carbonbusters.org) при што храната останува здрава, со повеќе витамини и други хранливи материи.
Експрес лонецот се состои од три дела: тенџере, капак и сигурносен вентил. Телото на садот и капакот се направени од алуминиум или од нерѓосувачки челик. Тие заедно формираат херметички затворена комора. Притисокот во комората се зголемува кога се загрева температурата на тенџерето, ако е премногу висок притисокот, сигурносниот вентил служи за да се извлече вишокот на пареа и за одржување на константен притисок. Повеќето експрес лонци работат на притисок 70-80 kPa и на температура од 120 °C. Постарите типови имаат гума на самиот отвор/капак, додека поновите модели немаат и се затвараат на посебен начин.
Времето на готвењето буквално се преполовува (во некои случаи готвењето трае и помалку), а потрошувачката е многу намалена, бидејќи по постигнувањето на температура почетокот на испуштање на пареа, се намалува интензитетот на температура на шпоретот. Времето на готвење се мери од моментот кога почнува да пишти вентилот.
Начин на подготовка
- Се што гответе, гответе половина од времето од обично готвење
- Месото може да го печете, варите или динстате. За печење првин во сув лонец ставете масло и ставете го на загреан шпорет и ставете го месото и запржете го од сите страни со златно жолта боја, и потоа додадете околу 100-150 ml вода која откако ќе изврие може да го допржите или допечете. Месото се вари во количина на вода која ви е потребна за да направите од неа чорба или нешто друго. Динстањето на месо е исто како и печењето, без претходно запржување (или ако сакате не е исклучено). Јас лично динстам телешко месо зачинето со сол и црн пипер во бело вино со малку морков (прсти да излижеш)
- Кога варите зеленчук, не мора да ставате премногу вода, доволно е 150 – 250 ml
- Зеленчук како зелка, кељ, целер, мора да се обари однапред бидејќи ќе има многу силен мирис.
- Мешункаст зеленчук (грав, наут, леќа) се остава пред готвење во топла вода да набабри околу 2-3 часа. (или во ладна вода 24 часа)
- Тетовски Грав се вари во целост за 25 минути, доволна вода за да го покрие, или повеќе за да се направи чорба-грав
- Ако го отворите садот и мислите дека храната не е доволно варена, вратете го лонецот на шпоретот и продолжете да готвите
- Никогаш внатрешноста не се мие со силни абразивни материјали, туку се пополни со ладна вода и се остава да поседи и сите нечистоти ќе се лизнат. Ако тавете и малку оцет, тој ќе се измие и дури и ќе сјае 🙂
Мерки за претпазливост:
- Вентилите секогаш да бидат чисти и да можат да пропуштаат пареа
- Не отворајте го насила капакот, доколку сакате порано да го извадете јадењето ставете го капакот под чешма и по малку ладете го тенџерето (не го ладете многу наеднаш, бидејќи може да створи притисок кој е помал од надворешниот и да ви се отвори капакот навнатре за новите типови на експрес лонци) кога ќе престане да пишти отворете го капакот
- Не го преполнувајте тенџерето со намирници и вода, нека не надминува 2/3 од тенџерето
- Не ставајте намирници кои пенат (запршки и слично)
Имајте убав неделен ручек