АД “Електрани на Македонија“ во соработка со германската консултантска куќа “Фихтнер“ започна со реализација на активности за изградба на проектот Парк на ветерни електрани “Богданци“. Активностите ќе се спроведуваат во рок од 20 месеци, а ќе започнат со изработка на тендер за набавка на опрема, изградба на пристапни патишта, трафостаница и приклучок на мрежа.
Компанијата “Фихтнер“ ќе биде партнер консултант на “ЕЛЕМ“ до целосно завршување на изградбата на паркот на ветерни електрани. Средствата за реализација на овие активности во износ од 1,2 милиони евра се дел од кредитот обезбеден од германската КфВ Банка, потпишан на деветти април, годинава. За проектот вреден вкупно 55 милиони евра, германската КФВ Банка обезбеди 32,9 милиони евра, а останатите 22,6 милиони ќе ги обезбеди “ЕЛЕМ“ од сопствени средства. Во ПВЕ “Богданци“, на 29 хектари ќе се постават 15 до 18 ветерници, секоја со инсталирана моќност од 2 до 3 мегавати. Вкупното производство на Паркот на ветерни електрани “Богданци“ќе биде 100 гигават часови годишно, а инсталираната моќност во првата фаза од реализацијата ќе изнесува 37 МЊ, додека во втората фаза предвидено е да се инсталираат ветерни турбини со кои моќноста на ПВЕ “Боданци“ ќе се зголеми до вкупно 50 мегавати. Целта на овој Пилот Проект е истиот да ја промовира енергијата на ветрот како возможен и остварлив извор на електрична енергија во земјава.
Преземено од: НЕТПРЕС