Во тек е одржувањето на Саемот на градежништво 2012 па не е лошо да се направи еден осврт на квалитетот на градбите во однос на нивната енергетска ефикасност и топлински карактеристики.
Повеќе фактори влијаат на енергетската ефикасност на некоја градба, вклучувајќи го самиот проект по кој се гради градбата, изборот на материјали, како и начинот на изведување на работите. Има неколку методи на мерење одредени параметри според кои може да се одреди нивото на енергетска ефикасност на еден објект. Дел од нив се:
- Мерење на воздушната пропустливост на објектот (т.н. blower door тест)
- Мерење на U-коефициент (коеф. на топлинска пропустливост)
- Термографско снимање
- Мерење на површинска и длабинска влага
Мерење на воздушната пропустливост на објектот (blower door тест)
Воздушната пропустливост всушност е струење на воздухот низ обвивката на градбата. Струењето се појавува заради порозни ѕидови или пукнатини. Пропустливоста на воздух претставува битен параметар при одредувањето на карактеристиките на градбата, во смисла на заштеда на енергија и топлинска изолација.
Со оваа метода се мери протокот на воздух кој настанува заради разлика на притисокот од 50 Pa помеѓу внатрешниот простор на зградата и надворешноста. Разликата во притисоците се постигнува со помош на испитен вентилатор. Бројот на измени на воздухот во зградата се добива со делење на вредноста на волуменот на протечен воздув (m3/h) со внатрешниот волумен на испитуваната просторија (m3).
Најчести места каде се јавува пропуст се споевите на дограмата, водовите за инсталациите, вентилациските отвори и др.
Мерење на U-коефициентот
Коефициентот на топлинска пропустливост U (некаде се бележи со К) е информација за протокот на топлина (W/m2K) која поминува низ даден материјал. Мерењето на U-коефициентот се извршува во лабораторија и според тоа на готов производ се означува колкава е неговата топлинска пропустливост.
При текот на изградбата на нов објект, преку пресметки се утврдува кој материјал треба да се вгради за да се постигне одредена енергетска ефикасност на објектот. На веќе постоечки објекти, каде не е познат составот на вградениот материјал, коефициентот на топлинска спроводливост се утврдува со мерење на самото место.
(Продолжува)