Како што веќе известивме од 16 до 18 мај, во Скопје, за прв пат ќе се одржи студентска конференција на тема „Енергетска ефикасност и одржлив развој“. Во таа насока, денес раговараме со Александар Крлески и Ирена Дуковска, одговорни на програмско организациониот одбор на конференцијата
Кажете ни повеќе за самата конференција – кои се мотивите за одржување на оваа конференција и кои се очекуваните цели?
Во Р. Македонија се организираат конференции и советувања на тема енергетска ефикасност, но тие не се насочени кон оние кои во иднина ќе можат да придонесат најмногу во овие области, а тоа се студентите, како идни академски граѓани.
Преку организирање на студентска конференција ќе се овозможи развој на научни вештини и компетенции за истражување на студентите кои ќе придонесат до оформување на поквалитетни академски кадри во областите на енергетска ефикасност и одржлив развој.
Самата конференција и нејзиното организирање ќе претставува одлична можност за остварување на соработка помеѓу самите студенти и професорите. Исто така ќе се овозможи меѓусебно поврзување на компаниите чија дејност е поврзана со оваа проблематика, како и нивно поврзување со луѓето кои се занимаваат со научно-истражувачка работа во областите од интерес. Целта на оваа конференција е да направи трансфер на знаења од науката и практиката и зголеми интересот за проучување на овие области како и да се поттикне нивната имплементација.
Мотивот за организирање на конференција од ваков тип е директно поврзан со актуелноста на избраната тема на конференцијата. Имено, темите кои се опфатени од страна на енергетската ефикасност и одржливиот развој стануваат се поактуелни на глобално ниво. Причина за ова е фактот што токму овие области најмногу ветуваат дека ќе овозможат решенија на многубројните предизвици со кои се соочува модерниот свет. Целото човештво се соочува со прашањето како да обезбеди доволно ресурси за денешните потреби, но и како да остави доволно ресурси во наследство на наредните генерации.
Како идни инженери, сметаме дека е наша одговорност, пред се, да преземеме соодветни мерки и постапки за да овозможиме одржлив развој во поблиска, но и подалечна иднина. За да можеме да ги оствариме овие планови, потребни се знаења од овие области, кои сакаме да ги стекнеме. Потребно е осознавање на моменталната ситуација на глобално и национално ниво, запознавање со активностите на другите земји и компании кои се занимаваат со оваа проблематика и кои се најновите трендови за изнаоѓање решенија. Исто така важно прашање е, со кои постапки може да ја подобриме моменталната ситуација, да истражуваме на тема нови и подобри решенија, кои во иднина и ќе ги имплементираме.
Кој се ќе земе учество на оваа конференција?
Целната група на оваа конференција е доста широка, со оглед на тоа што темата претставува цела интердисциплинарна област која помеѓу себе обединува многу технички, природни и општествени науки. Пред се, на неа ќе земат учество студентите на факултети од овие области, односно студенти на природни, технички и општествени науки, чиј интерес на изучување е тесно поврзан со темата на конференцијата. Тука ќе учествуваат и професори и асистенти на факултети од истите области кои ќе презентираат свои трудови за сопствени истражувања. Исто така, компаниите чија дејност е поврзана со енергетската ефикасност и одржливиот развој ќе може да претстават трудови поврзани со нивната работа.
Каков е интересот кај студентите за оваа конференција?
Во Република Македонија нема голема традиција на организирање студентски конференции. Со оглед на овој факт, се соочуваме со мал проблем на менување на навиката на студентите да се вклучат во истражувања и истите да ги презентираат. Рокот за пријавување е продолжен до 20.04.2013 па така до сега немаме конечен број на трудови. Во овој момент има доста пријавени трудови од студенти кои студираат технички и општествени науки во истите се обработени доста нови прашања во овие области. Се надеваме на зголемен број на пријавени трудови до истекот на крајниот рок. Бидејќи ова е воедно прва студентска конференција од ваков тип организирана кај нас, генерално сме задоволни од интересот кај студентите и се надеваме дека на следните конференции тој ќе се зголемува.
Според Вашето мислење, дали во Македонија се обрнува доволно внимание кон енергетската ефикасност и одржливиот развој?
Енергетската ефикасност и одржливиот развој се релативно нови области на истражување. Моменталната ситуација Р. Македонија не ги задоволува посакуваните стандарди. Сепак може да се каже дека не е и табу тема, бидејќи во последно време доста се зборува за енергетската ефикасност и одржливиот развој и се започнуваат разни активности со цел да се придонесе кон подобрување. Сведоци сме на кампањите кои ги преземаат енергетските компании за штедење на електрична енергија, во студиските програми веќе се вметнати предмети кои ја изучуваат оваа област. Покрај тоа, донесени се и законски регулативи со кои секоја градба треба да има сертификат за енергетска ефикасност, иако за жал тоа е сеуште е декларативна заложба, односно не се применува во пракса. Доколку ги земеме во обзир предвидувањата за порастот на потребата од енергија ќе сфатиме колку сериозни се овие теми и колку на нив треба да се работи и да се посвети внимание. Затоа и се организира оваа конференција, со која сакаме да го дадеме нашиот придонес за развојот на енергетската ефикасност и одржливиот развој.
Што треба да се преземе за да се поттикне развојот на концептот на енергетска ефикасност и одржливиот развој?
Во светски рамки се преземаат големи чекори, меѓу кои се Кјото протоколот и заложбата 20-20-20 на Европската Унија. Сметаме дека донесувањето на законски регулативи кои ќе имаат облигаторен карактер значително ќе придонесат кон развојот на овој концепт.
Всушност, секој од нас може да помогне во развојот на концептот на енергетска ефикасност и одржлив развој. Еве, доколку направиме еден мал чекор како што е менувањето на светилките во нашите домови со “штедливи”. Покрај тоа што ќе ги намалиме нашите сметки за електрична енергија, ние ќе ја намалиме и потребата од енергија на национално ниво. Не треба да се имаат големи знаења од овие области за да се придонесе за развојот на оваа програма. Потребно е зголемување на свеста кај граѓаните дека енергетската ефикасност не значи намалување на обемот на нашите активности и губење на комфорот. Таа е всушност, програма или план на „штедење”, што значи дека ние ќе ги исполниме нашите потреби, но за тоа ќе ангажираме помалку енергија. Повторно ќе се навратиме на примерот кој го дадовме со штедливите светилки. Ние ќе ја добиеме потребната светлина која е иста со онаа која ја добиваме од класичните ( како што се светилките со вжарено влакно ), но за истата трошиме помалку енергија. Поттикнување на свеста на потрошувачите е многу важна за реализација на овој план. Постојат многу начини како да се направи тоа, а одличен пример е и вашиот блог www.energetskaefikasnost.info кој пласира информации за развојот и значењето на овој концепт кон широк аудиториум, а со тоа се работи и на менување на нивното мнение.
Покрај овие насоки треба да се превземат и чекори на национално ниво. Треба да се поттикнува изградбата на централи на обновливи извори на енергија со што ќе добиваме почиста енергија. Тука е и унапредувањето на одржливот транспорт, за кое треба да се направи подостапен и поефикасен јавен превоз и со тоа ќе се намали емисијата на CО2 , а воедно и потрошувачката на фосилните горива.
Покрај ова конференција кои се идните планови на ИАЕСТЕ?
Во план на ИАЕСТЕ Македонија е конференцијата да стане настан кој ќе се одржува секоја година. Се уште не е одлучено дали истата тема ќе се задржи во иднина или пак, секоја година друго актуелно прашање ќе биде обработувано на конференцијата, кое ќе биде привлечно за проучување од страна на студентите.
Токму студентите и нивното здобивање со практични и корисни искуства уште за време на нивните студии кои ќе им помогнат при нивното вработување е тоа на кое ИАЕСТЕ Македонија работи постојано. Можноста да се замине на платена стручна пракса во странство е главната дејност на ИАЕСТЕ и претставува непроценливо искуство за секој студент. Секоја година ИАЕСТЕ Македонија го има задоволството да биде домаќин на педесетина студенти-практиканти од многу земји ширум светот, па по завршувањето на конференцијата, ќе започне периодот на Летната рецепција, период во кој ИАЕСТЕ Македонија допринесува за уникатноста и незаборавноста на праксата и престојот во Македонија на практикантите.