Енергетската сиромаштија е релативно нов термин особено во земјите од Западен Балкан и како дефиниција е тесно поврзана со недостатокот на соодветно затоплување на домаќинствата или попрецизно енергетската сиромаштија е состојба во која домаќинствата живеат во домови со просечната дневна температура пониска од биолошкиот лимит од 21°C.
Причините за настанување на енергетската сиромаштија се вештачки одржуваните ниски цени на електрична енергија во времето на комунизмот поради што се широко се распростани греењето со електрична енергија, исклучувањето од централното греење и стекнувањето на навики да се троши енергија; а оваа појава потоа директно беше предизвикана од зголемувањето на цените на енергенсите, што ги остави потрошувачите соочени со недостиг на финансиски средства, ограничени опции за греење (недостиг на алтернативи за затоплување на пример на природен гас) и енергетски неефикасни домови. Најмасовните социјални протести во Македонија со над 10 000 учесници под слоганот „АМАН“ покажаа дека голем дел од граѓаните се засегнати од поскапувањето на енергенсите и дека потребни се подобри политики за справување со енергетската сиромаштија.
Првото прашање кое се наметнува е колкав е обемот на засегнати граѓани во Македонија од енергетската сиромаштија. Државните политики за справување со енергетската сиромаштија сметаат дека засегнати од енергетската сиромаштија се пред се социјалните случаи, додека состојбата на терен укажува дека оваа бројка е многу поголема. Имено, според податоци на Државниот завод за статистика само 51.6% од домаќинствата во 2012 можеле соодветно да ги затоплат своите домови. Понатаму, според истражувањата на Стефан Бужаровски, енергетската сиромаштија во Македонија најверојатно засега околу 61% од домаќинствата, односно како феномен ги засега не само најсиромаштните туку и домаќинствата кои и припаѓаат на средната класа. Со еден збор се работи за алармантна ситуација за која мора да се најдат соодветни решенија имајќи ја предвид планираната либерацијација на пазарот на електрична енергија, што ќе значи и понатамошно растење на цените на енергенсите. Исто така важно е да се нагласи дека без социјалниот развој нема одржлив развој, бидејќи социјалната компотента е составен дел од концептот за одржлив развој.
Политиките за справување со енергетска сиромаштија во Македонија се насочени кон заштита на социјалните случаи, односно се оди по линија на логиката дека сиромашните се исто така енергетски сиромашни. За нивна заштита од енергетската сиромаштија, Министерството за труд и социјална политика субвенциoнира месечни сметки за електрична енергија и други енергенси во износ од 700 ден. Сепак, во овој случај се работи пред се за социјална мерка која ниту стимулира намалување на потрошувачката на енергија, ниту овозможува стекнување на знаење за тоа како да се намалат сметките за електрична енергија и другите енергенси.
Вистинско решение за справување со енергетската сиромаштија е со мерки за енергетска ефикасност. На тој начин се задржува или подобрува комфорот на живеење, а се намалува потрошувачката на енергија и со тоа се намалуваат и сметките за енергенсите. Стратегиите на тема енергетика во Македонија како и студии од различни меѓународни организации содржат низа на добри примери како може справувањето со енергетската сиромаштија да биде на ефикасен и одржлив начин. Такви примери се воведување на мерење на централното греење на ниво на стан, субвенции за воведување на ефикасни печки за согорување на биомаса, субвенции за воведување на мерки за енергетска ефикасност во домаќинствата како замена на прозорци и врати и подобрување на изолацијата, гасификација со цел воведување на греење на природен гас, субвенции за сончеви колектори и сл. Од набројаните мерки се спроведува единствено субвенционирањето на сончевите колектори и неколку локални проекти за гасификација, една од бариерите за остварување на останатите мерки е секако недостатокот на финансиски средства.
Освен тоа што државните институции и локалните власти треба напорно да работат на исполнување на зацртаните стратегии и политики за справување со енергетската сиромаштија, важно е да се нагласи дека домаќинствата исто така самите можат многу да преземат за заштита или справување со енергетската сиромаштија. Имено, прво што домаќинствата треба да направат е да ја измерат дневната температура во својот дом во сите простории и исто така и да се информираат за поефикасни начини на греење. Доколку сте на пример, домаќинство кое се грее на огревно дрво, може да ги преземете следниве мерки за заштита од енергетска сиромаштија: да го замените огревното дрво со покалорични енергенси како брикети, да ја замените печката со поефикасна печка, да ја подобрите изолацијата на домот и да инсталирате сончев колектор за подготовка на топла вода.
Секако дека овие инвестиции се голем финансиски залак за повеќето домаќинства, но средствата се враќаат по одреден период, а комфорот на живеење се подобрува. И за крај најважно е да се истакне дека енергетската сиромаштија, односно престојувањето во простории кои не се соодветно затоплени има низа здравствени последици а и влијае негативно врз продуктивноста. Затоа, со оглед на предвидените ниски температури оваа зима и понатамошното покачување на цената на електричната енергија, важно е заштитување од енергетската сиромаштија со инвестирање во мерки за енергетска ефикасност.
Подготвено врз основа на трудот: Ана Стојиловска, Соња Зубер, (2013) „Енергетска сиромаштија во Македонија“, КАС/Аналитика.
2 Comments
Andrej
A koga toa AMAN sobral 10.000 na protest? Toa nesto sum propustil ili gi sobirate sekoj den so meseci… i taka nemase tolku! Ajde be dvajca bez trojca se sobirava!
Najmasovnite socijalni protesti vo Makedonija!? ha-hahahahah Gluposti! Kako rekov dvajca bez trojca bea celo vreme!
Ана Стојиловска
Податокот за бројката за вклучени лица во протестот (10 000) е земен од страната на АМАН: https://amanmk.files.wordpress.com/2013/08/972361_315195735291058_167720378_n.png Тие ги бројат сите активисти кои биле вклучени со изразување на протест и не само во Скопје. За потсетување над 13 000 лица ја потпишаа граѓанската иницијатива на АМАН.