EУ поседува голем број на фондови и програми кои се наменети за раст и развој на стопанството. Меѓу тие програми и фондови постои и посебна програма која е наменета за развој на енергетската ефикасност. Имено, се работи за програмата – Интелигентна енергија на Европа (ИЕЕ). Програмата Интелигентна енергија на Европа почна со работа во 2003 година. Oвој фонд е сконцентриран на подобрување на енергетската ефикасност како и за што поголемо користење на алтернативни – обновливи видови на енергија. Со оваа програма не се финансираат развојните проекти и техничките истражувања. Целите на овој фонд се:
- Развој на енергетската ефикасност и рационалното користење на енергијата
- Поттикнување на користење на обновливи извори на енергија како и нивната диверзификација
- Поттикнување на енергетска ефикасност и користење на алтернативни видови на енергија во транспорт
Врз основа на овие цели, програмата ќе ги поддржува проектите во следниве области:
- Обновлива енергија
- Енергетска ефикасност
- Транспорт
- Земји во развој
- Хоризонтални проекти
За што подобра реализација на оваа програма, основана е Агенција за конкурентност и иновации (EACI). Нејзината улога е да ги објавува јавните повици, да ја прати реализацијата на одобрените проекти и да ги обезбедува повратните информации на генералниот директор на Европската комисија за енергија и транспорт.
Процесот на аплицирање за средствата од оваа под-програма?
Секоја година фондот објавува повик за предлог на проекти. Предлог проекти се праќаат исклучиво по електронски пат. Се прифаќаат исклучиво проекти кои се поврзани со повикот. Тоа значи, дека доколку во повикот стои дека се прифаќаат проекти кои се однесуваат за подобрување на енергетската ефикасност во транспортот, се прифаќаат исклучиво такви предлог проекти.
Како што рековме, се прифаќаат проекти во врска со унапредување на енергетска ефикасност и обновливи видови на енергија. Под тоа исто така се подразбира и трансфер на технологијата помеѓу земјите членки на ЕУ, унапредување на процесите, градење на институционални капацитети итн., а се во врска со поимите на енергетска ефикасност и обновливи видови на енергија.
Фондот не ги финансира базичните истражувања како и развој на нови техники и технологии. Исто така, проектот може да биде одбиен доколку во себе содржи:
- Истражувачка и развојна компонента
- Доколку содржи реплицирање на веќе постоечки еко-иновативни процеси, услуги и производи кои се насочени на животната околина, а не на енергија
По поднесувањето на предлог на проектот, се работи неговата евалуација, а врз основа на Повикот за поднесување на проекти. По евалуацијата се врши рангирање на проектот. Понатаму, проектот се предава кај директорот на Агенцијата за конкурентност и иновации (EACI). По усвојувањето на проектот од страна директорот на Агенцијата, апликантот се известува за резултатите на евалуацијата.
Доколку предложениот проект се препорачува за финансирање, следува процес на преговарање. Во процесот на преговарање Агенцијата (EACI) детално ќе ги разјасни сите аспекти на проектот – неговата техничка и финансиска компонента, а врз основа на евалуацијата на проектот.
Еднаш кога преговорите успешно се завршат, Агенцијата (EACI) ги става на располагање финансиските и други средства кои се во согласност со проектот. Договор за грантот се потпишува со Агенцијата (EACI) и од страна на барателот на средствата. Вработените во Агенцијата се одговорни за спроведување на одобрениот грант. Грантовите кои се одобрени се поставуваат на веб страницата на Интелигентна Енергија.
Засега Р. Македонија не учествува во оваа програма. Меѓутоа, како земја која сака да се вклучи во ЕУ, како земја која во своите енергетски стратегии се залага за зголемување на енергетска ефикасност и зголемување на користење на обновливите извори на енергија, од големо значење е да се анализира и подетално претстави процесот на аплицирање за средствата од IEE, како еден од клучните извори на финансирање на проектите во врска со енергетска ефикасност.