Европската комисија утврди шеми за сертификација на одржливи биогорива што би ѝ помогнало на Унијата да ја достигне својата цел за производство на 20% од потребната енергија од обновливи извори.
Според комисијата, рамката на сертификатите ќе ги опфаќа како домашните, така и увезените биогорива. Сертификатите би требало да помогнат во спроведување на потребите на ЕУ за биогорива, но, треба и да спречи значително исфрлање на јаглерод диоксид во атмосферата, како дел од директивите за обновлива енергија од 2009.
Секоја земја членка треба да оствари индивидуална национална цел во воведување на обновлива енергија во главната потрошувачка, како и 10% на обновлива енергија во транспортот.
„Во наредните години биогоривата ќе бидат главна замена за бензинот и дизелот кои се користат во превозот и произведуваат 20% од стакленичките гасови во ЕУ. Мора да се осигураме и дека биогоривата кои ќе ги користиме ќе бидат одржливи“ – рече Günther Oettinger, комесар за енергија.
Рамката треба да се погрижи за тоа да се користат само обновливи биогорива во европскиот блок. Планирано е да се ангажираат независни ревизори кои ќе го надгледуваат целиот процес на производство – од фармерот до бензинска пумпа, со цел да обезбедат доверливост и да се оневозможи измама.
Биогорива направени од сурови материјали од дождовните шуми, неодамна оголени области и пресушени мочуришта ќе бидат забранети.
Крајно, нацртот ќе промовира само биогорива со голема заштеда на стакленички гасови, и до 35% споредено со бензин или дизел. Овој праг ќе порасне на 50% во 2017 и 60% во 2018 година.
„Нашите шеми за сертификација се најстроги во светот и ќе обезбедат нашите биогорива да ги исполнат највисоките стандарди за заштита на околината. Ова ќе има позитивен ефект и на други региони, затоа што се однесува и на увезените горива“ – рече Oettinger.
Иако од бензинсите станици не се бара конкретно да го означат производот, тие сепак можат да го сторат тоа од промотивни причини.
Од комисијата известуваат дека најважни биогорива денес се биоетанол, кој се добива од шеќерна репа и житни растенија и биодизел, кој се добива од растителни масла. Процентот на биогорива во вкупната потрошувачка на горива за превоз се зголеми од 0.5 во 2003 до 3.4 во 2008 година.
Преземено од Eco Seed