Новата компанија ЕВН-снабдување ќе понуди фер цена на околу 240 македонски компании кои од први април ќе се снабдуваат со електрична енергија на слободниот либерален пазар. На први април и официјално стартува либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија.
Новата компанија веќе поседува лиценца за снабдување издадена од Регулаторната комисија за енергетика.
Нико Берберу, менаџерот на новата компанија вели дека тие ќе понудат најдобра цена на електричната енергија, како и најдобра услуга.
„Електричната енергија бара соодветно снабдување и соодветна цена што пак е базичен услов за успешно работење. Во однос на цената на слободниот пазар ќе се формира цената на енергијата, а надоместоците за мрежарина остануваат регулирани од страна на Регулаторната комисија за енергетика“, вели Берберу и додаде дека нивната компанија има намера да дава најконкурентна понуда без да се даваат деловни информации за цената.
„Либерализацијата ќе создаде нови услови на пазарот, затоа треба да се избере вистински и лојален партнер“, препорача Берберу.
Вернер Хенгст, претседател на управниот одбор на ЕВН-Македонија вели дека групацијата ЕВН има околу 8.000 вработени и 14 милиони корисници во повеќе од 20 земји и големо искуство во работењето на слободниот пазар.
„А тоа е голема поддршка за новата компанија ЕВН-Снабдување. Искуството од другите пазари на нашата групација покажуваат дека за успех на слободниот пазар најважни се јасни правила на игра и исполнување на одредени предуслови“, вели Хенгст и потсети дека компанијата изминативе години инвестирала повеќе од 217 милиони евра во инфраструктура и подобри услови, во знаење и професионалност кои им ги даваат на нивните корисници.
Извор: МКД.МК