Лесни, евтини и флексибилни соларни ќелии се предвидени за следната генерација на градежни материјали познати како интегрирани фотоволтаици-прозорци, покриви и фасади, кои на самото место би ја претворале сончевата светлина во извор на енергија.
Сега, истражувачите од MIT осмислија нова соларна ќелија која би требало да ги исполни овие три барања, а има и дополнителна предност што е проѕирна. Новата ќелија се засновува на слоеви од флексибилен графен премачкани со слој на наножици. За сличен изум на нивните колеги од UCLA еднаш веќе пишувавме.
Според доц. Силвија Градачек, која предава наука и инжинерство на материјали, градењето на полупроводничка наноструктура на површина од графен, без притоа да се нарушат неговите електрични и структурни својства е навистина предизвик.
За да го надминат овој проблем, тие користеле серија на облоги од полимер кои му овозможуваат на графенот да се врзи со слој од цинк оксидни нано-жици. Над сето тоа поставиле слој од материјал кој е осетлив на светлина. Тимот користел и тестирал различни материјали за фотоосетливиот слој, вклучувајќи и квантни точки од олово сулфид и еден полимер познат како P3HT. Најдобри резултати постигнале со квантните точки, добивајќи ефикасност на преобразба на соларната енергија во електрична од 4.2%.
Иако досега се тестирале само мали модели, Градачек уверува дека производствениот процес е лесно прилагодлив на која било големина и комерцијални уреди засновани на оваа технологија би биле достапни за 2-3 години.