Со два свои автомобили меѓу петте финалисти, Форд ја однесе наградата Зелен автомобил на годината за моделот Fusion 2013, која беше доделена во четвртокот за време на одржувањето на LA Auto Show.
Новиот редизајниран седан од средна класа се нуди со 3 различни мотори: бензинско-електричен хибрид, plug-in хибрид и бензинец. Основниот модел се продава по цена од 21 700 долари, додека хибридот, со просечна потрошувачка од 5 l/100km има почетна цена од 27 200 долари. Fusion ја добил наградата на основа на ниската потрошувачка на гориво, ниските емисии на CO2, како и конкурентната цена.
Добитниците на наградата, која ја доделува Green Car Journal, ги одредува престижна комисија на судии, вклучувајќи и еко-активисти, како извршниот директор на Sierra Club Мајкл Брун, претседателот на Global Green USA Мет Петерсен и претседателот на Ocean Futures Society Жан-Мишел Кусто, како и комичарот и колекционер на автомобили, Џеј Лено.
-Нашиот бренд напредуваше од последно место до лидер во економичност во потрошувачката на гориво – рече Дејв Мондрагон, генерален менаџер за маркетинг на Форд, кој ја прими наградата.
Освен Fusion, во финалната конкуренција влегоа Ford C-Max, Dodge Dart Aero, Mazda CX-5 SkyACTIV и Toyota Prius c. Во однос на потрошувачката, Fusion во оваа конкуренција е надминат само од Prius, кој има просечна потрошувачка од 4.4 l/100km.
Но, не сите биле воодушевени од крајниот избор. Мајкл Вон од The Global and Mail напишал дека „петте финалисти се сите досадни. Има очигледни пропусти во составувањето на списокот, а оние што се најдоа на него поседуваат неинтересна и веќе видена технологија“.
Во меѓувреме, на интернет форумите посветени на хибридни/електрични автомобили, беше објавен текст напишан од сопственик на Chevrolet Volt (во Европа овој модел се продава како Opel Ampera), кој го опишал своето искуство после едногодишно возење на Volt, како и заштедите кои ги направил, во споредба со возење на автомобил со просечна потрошувачка од 10 l/100km (колку што е просекот во САД). Според пресметките на сопственикот, направени на основа на средната цена на бензинот и електричната енергија во САД (Volt е plug-in хибрид), тој успеал да заштеди 3000 долари за една година, и да помине неверојатни 980 милји со еден галон бензин, со тоа што 96% од километражата извозена во текот на годината ја постигнал во електричен мод, што го чинело сè на сè само 341 долар за електрична енергија.
Како и да е, пренатрупаниот, но и најпопуларен пазар за средна класа добива сè повеќе можности, посебно во делот на зелени автомобили.