Студијата треба да ја испита економската исплативост и техничката физибилност на проектот, да го предвиди неговото развивање, да ја одреди најдобрата местоположба на електраната и да прецизира дали ќе се гради автономна централа со инсталирана моќност од 50 мега вати или, пак, хибридна варијанта која ќе служи само за загревање на водата во РЕК Битола, односно да биде замена за дел од јагленот што се користи за таа намена.
Реализацијата на пилот проектот што ќе се одвива во три фази практично ќе започне утре со посета на Битола. Во првата фаза од околу три месеца ќе се дадат техничките решенија, втората фаза ќе го прецизира конкретниот концепт за централата, а третата најдобрата понуда за изработка.
Тоа, како што беше истакнато на денешната прес-конференција во АД ЕЛЕМ го овозможува грантот од 495.000 евра доделен од Министерство за економија и финансиии на Франција.
– Со реализацијата на овој проект АД ЕЛЕМ очекува производство на 104 милиони киловат часови чиста соларна енергија која ќе придонесе за заштита на околината со анулирање на емисија од 94 милиони килограми Јаглероден двооксид годишно, рече директорот на АД ЕЛЕМ Влатко Чинговски.
Тој посочи дека производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија е многу важен дел од работата и развојот на АД ЕЛЕМ, компанија која сака да го имплементира европскиот принцип 20:20:20, односно 20 отсто од енергијата до 2020 година да се добива од обновиливи извори на енергија и со тоа за 20 отсто да се намали емеисијата на сткленички гасови во атмосферата.
– ЕЛЕМ покрај усвојувањето на нови соларни технологии во наредниот период ќе продолжи и со реализацијата на останатите прокети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија како што се ХЕЦ Бошков Мост, Луково Поле и ветерната електрана во Богданци, истакна Чинговски и додаде дека по 18 месеци ќе се направи техно-економска анализа дали и кога евентуално ќе се гради сончевата електрана.
Директорот на ЕЛЕМ рече дека доколку се усвои втората варијанта сончевата енергија да се користи како супститут на јагленот за загревање на водата во РЕК Битола на годишно ниво за 20 отсто ќе се намали потрошувачката на јаглен. – Тоа ќе зачи дека на секој пет години за една година ќе се продолжи животниот век на РЕК Битола, рече Чинговски.
Францускиот експерт Лорент Перес изработката на студијата ја оцени како можност за трансфер на нов вид технологии и искуства од европските земји за ЕЛЕМ и Македонија.
– Во првите 5-6 месеци од изработката на студијата ќе се знае кој е техничкиот избор што ќе биде направен. Доколу се гради соларна електрана со инсталирана моќност од 50 мегавати изградбата ќе чини околу 225 милиони евра, доколку, пак, се гради хибридна варијанта изградбата ќе биде многу поевтина, прецизира Перес.
Францускиот амбасадор во Македонија Жан-Колд Шлумберже нагласи дека новиот проект со ЕЛЕМ е продолжување на одличната соработка која постои уште од 2004 година со проектот за трансформација на ТЕЦ Неготино во гасна централа.
– Проектот во Битола на Македонија ќе и овозможи да го зголеми производството на електрична енергија и да се здобие со иновативнни техники и намалување на ефектот на стаклена градина. Со него се потврдува одлуката на Франција да ја придружува Македонија на патот кон приклучување во Европската унија, рече Шлумберже.
Во искористениот дел од рудникот Суводол, ЕЛЕМ има расположива површина за соларните панели и неопходни инфраструктурни предуслови за изградба на електрана, како и постоечка 100/6,3 киловолтна трафостаница за нејзиното поврзување.
Преземено од: КУРИР