Иако веќе подолго време наназад нуклеарната енергија се сметаше како најдобра алтернатива за конвенционалните извори на енергија како што се термоелектраните кои работат на фосилни горива после катастрофата која се случи во Фукушима сето тоа се промени. Имено Фукушима, втората најголема катастрофа после Чернобил го доведе во прашање работењето на речиси секоја нуклеарна централа во светот. Како последица на тоа сите нуклеарни централи кои се во склоп на Европската Унија беа предмет на контрола од страна на инспектори на Европската комисија за нуклеарна енергија.
Реномираниот Британски весник The Telegraph пренесе ивадоци од извештајот во кој се вели дека речиси сите нуклеарни реактори кои се 134 на број се во лоша состојба и се потребни итни интервенции. Сите нуклеарни централи беа подложени на стрес тестови со кои се симулираа природни катастрофи од типот на онаа во Фукушима. Иако добар дел од безбедносните стандарди не беа исполнети не се даде ниедна препорака за престанок со работа на истите тие нуклеарни централи. Единствено беа дадени препораки за технички интервенции и инфраструктурни ремонти кои би требале да се завршат до 2015 година.
Според проценките на Европската комисија за нуклеарна енергија за таа цел се потребни од 15 до 25 милијарди евра. Во време на криза прашање е која земја може да си го дозволи тоа. Со оглед на ликвидноста и економската состојба во повеќето Европски земји за очекување е крајните корисници да платат за поправките на нуклеарните централи преку зголемување на цената на електричната енергија. Со оглед дека и ние сме увозно зависни од електрична енергија за очекување е тоа поскапување да се одрази и на цената на електрична енергија и кај нас. Се разбира тоа е само еден плус на она поскапување кое е веќе предвидено од порано.
Според реномираниот Германски весник Велт кој исто така пренесува извадоци од извештајот на европската комисија за енергетика – поголемиот дел од нуклеарните централи во Германија не би издржале ни поплава, а камоли земјотрес како оној што беше во Фукушима,Јапонија. Според извештајот во случај на прекин на електричната енергија или природна катастрофа има голема опасност од откажување на ладењето на реакторите што и беше главна причина за катастрофата во Јапонија.
Она што можеби е најинтересно за нас а и звучи помалку неверојатно е тоа што нуклеарната централа Кршко е една од најбезбедните во Европа. Централата беше подложена на истите стрес тестови на кои беа подложени останатите нуклеарни централи во Европа и помина задоволувајќи ги сите стандарди кои повеќето од останатите нуклеарни централи во Европа не ги задоволија.
Дали Европската комисија за енергетика направи компромис со тоа што не даде зелено светло за затворање на барем некои од покритичните нуклеарни централи е нешто што ќе остани во доменот на шпекулациите. Дали Европа чија економија е благо речено разнишана може да си дозволи да добар дел од тие нуклеарни централи не се во погон е веројатно друго прашање?Дали граѓаните на Европа во име на стандардот на живеење може да си дозволат рулет со нуклеарната енергија е веројатно најбитната работа која мора да се земи во предвид во оваа цела ситуација.
Она за што може слободно да се каже дека не е шпекулација е фактот дека времето на евтина електрична енергија е минато време. Единствениот бенефит од целата оваа ситуација имаат енергетските компании кои инвестираат во обновливи извори на енергија со оглед дека со ова наголемо се отвора вратата за обновливите извори чија конкурентност станува поголема од ден на ден. Според многу инвестициски експерти како и енергетичари овај извештај отвора голема врата за обновливите извори и енергетската ефикасност. Така овој извештај се очекува да биде еден вид на сигнал за инвеститорите со што се очекува нов бран на инвестиции во развојот на т.н. зелена економија . Во секој случај за сите оние кои “не играат” на берза со акции оваа вест не значи многу на краток рок. За просечниот граѓанин останува фактот дека ќе плаќа поголема цена за секој потрошен киловат час и надежта дека се додека не се извршат ремонти на нуклеарните постројки Европа ќе ја одминат големите природни катастрофи.