Здружението на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин е основано на 01.02.2010 година. Потребата за позитивна промена и присвојување на концептот за одржлив развој и обновливи извори на енергија беа главните мотиви за формирање на организацијата.
2. Кои се целите на организацијата?
Главната цел на организацијата е развивање и промовирање на вредности за одржлив развој и овозможување на едукација и практични решенија за заштита на животната средина.
3. Какви активности до сега беа преземени од формирањето на организацијата?
Од формирањето до сега се реализираа 4 проекти, а моментално се 3 во реализација. „Биди Зелен кампањата“ претставува првиот проект на Гоу Грин со кој се направи песната „Биди Зелен” која има над 800.000 видувања на ЈуТуб. Потоа следуваа проектот „Младинска Зелена Мрежа” кој се уште трае, „Обединети за Утре – Преземи Акција Сега” во соработка со АИЕСЕК Македонија и Сојузот на Извидниците на РМ, како и проектот „Европска Недела на Одржлива Енергија“ кој се реализираше во Април оваа година.
Моментално работиме на проект за електронски отпад, а во подготовка се проекти за Регионална конференција и Алтернативен туризам.
4. Кои беа ефектите на реализираните проекти?
Резултатите најмногу се гледаат со бројот на членови во Биди-Зелен-Клубовите кои се формирани во средните училишта во Скопје, Тетово, Куманово и Велес, како и со посетеноста на работилниците кои ги организираме континуирано како дел од активностите на проектите. Можеме да бидеме задоволни со датабазата од 7611 заинтересирани луѓе за активностите на Гоу Грин, како и со континуирано присуство во медиумите преку што ја покренуваме свеста кај населението за теми од областа на обновливите извори на енергија и животната средина.
5. Кои Ви се активностите во врска со концептот на енергетска ефикасност и дали планирате некои нови активности?
Гоу Грин ја гледа енергетската ефикасност како најлесно остварлива и главна мерка за намалување на ЦО2 емисиите во воздух и поради таа причина голем дел од минатите, сегашните, како и идните проекти зацртани во нашата стратегија до 2013 година вклучуваат проекти поврзани со зголемување на енергетската ефикасност во станбениот сектор. Цели и активности:
1. Подигнување на свеста кај младите луѓе за енергетска ефикасност
2. Интервенција во осветлувањето во основни и средни државни училишта со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на потрошувачката на енергија за осветлување.
3. Изнаоѓање на интегрирани решенија за инвестирање во енергетска ефикасност и обновливи системи на енергија од страна на финалните потрошувачи.
Во минатиот период најголем дел од нашите активности поврзани со енергетската ефикасност беа во сферата на подигнувањето на свеста кај младите преку организирани тренинг семинари, работилници, и проекти иницирани од самите млади – членови на Биди Зелен клубовите од Скопје, Тетово, Куманово и Велес.
Моментално сме во процес на изнаоѓање на средства за комплетна промена на осветлувањето во средно училиште во Велес подржано со тренинг работилници за совесно однесување од страна на професорите и учениците за оптимално намалување на сметката за осветлување.
Исто така, моментално сме во процес на преговори со организации од седум земји членки на ЕУ за реализирање на Европски пилот проект кој има за цел креирање на локален енергетски ситем независен од дистрибутивната мрежа. Проектот има за цел изнаоѓање на оптимално интегрирано решение кое ќе биде економски исплатливо и нештетно за животната средина, а ќе се се состои од интегрирани мерки за обновливи извори на енергија за производство на струја, ладење и топлење од алтернативни извори на енергија, како и висок степен на енергетска ефикасност на објектите кои ќе бидат опфатени во проектот.
6. Кои се актуелните активности или проекти на организацијата?
Проектите „Младинска Зелена Мрежа” и „Европска Недела на Одржлива Енергија” се долгорочни иницијативи кои се во континуирана реализација, а тоа се должи и на фактот што Гоу Грин е официјален партнер на Европската Комисија за овој проект до 2013-та година.
7. Какви активности планирате за идниот период?
Проектот за „Отпад” е дефинитивно насока која ќе продолжи, заедно со гореспоменатите проекти.