Во време на голема европска и светска економска криза, најголемата рафинерија за нафта во Италија станува „зелена“. Имено, италијанската енергетска компанија Eni ќе ја пренамени една од своите рафинерии за нафта во Венеција да произведува биодизел, користејќи систем развиен од компанијата UOP од Илиноис, дел од корпорацијата Honeywell. Предвидено е ова префрлање на обновлив дизел да ги опфати сите капацитети на Eni во Венеција и, ако проектот се покаже успешен, тој може да послужи како модел за пренаменување на голем број недоволно искористени рафинерии во целиот свет.
Во Honeywell овој процес го нарекуваат „UOP/Eni екофинирање“. Претворањето на обична рафинерија во екофинирачка постројка е прилично директен. Процесот не бара некои екстремно високи температури или притисоци, и крајниот производ, екодизел, е хемиски идентичен со фосилниот. Според UOP, процесот за производство на екодизел се одвива во умерени услови и лесно се интегрира во постоечките нафтени рафинерии.
Овој процес се одвива во два чекори и може да користи масло од конвенционалните извори на биогориво, како соја или палма, но во пракса, UOP/Eni преминаа на масла од втората генерација (кои не се користат за јадење), како масло од алги. Исто така, се користат и неупотребливи животински остатоци и маснотии од месната индустрија, кои инаку претставуваат тежок комунален проблем.
Како функционира „екофинирањето“?
Кажано со најпрости зборови, прво суровината се компримира под притисок и се меша со водород, а потоа се спроведува до каталитички реактор, каде се деоксигенизира. Во овој дел од процесот се добиваат вода, пропан и јаглерод диоксид како споредни производи.
Откако овие споредни производи ќе се отстранат, добиениот дизел повторно се „дозира“ со водород и се праќа на втор реактор за дополнителна преработка.
Од последниот чекор се добиваат уште неколку споредни производи, вклучувајќи нови количини на пропан. Преостанатиот водород се складира се препраќа назад во двата реактори, заедно со нови количини водород, со цел процесот за добивање на биодизел да се одвива континуирано.
Што се однесува до самиот краен производ, биодизелот, бидејќи е хемиски идентичен како и нафтениот дизел, тој веднаш може да се користи како замена за него, без правење на некакви модификации на возилото, моторот или доводот за гориво. Од UOP уверено тврдат дека нивниот дизел има подобри перформанси од обичниот, особено во зимските услови, но за тоа ќе треба да се почека за потврда од повеќе лаборатории, како и од крајните корисници, возачите.