Група здруженија на граѓани од Југоисточна Европа денес достави преку 16.000 петициски потписи до Мигел Ариас Кањете, ЕУ комесар за енергија и климатски промени и копретседавач на Министерскиот совет на Енергетската заедница во Тирана, Албанија. Регионалната петиција има три барања: подобрување на енергетската ефикасност во домовите, чистење на енергетските системи од корупција и усвојување на климатските цели на Европската Унија. Петицијата ја потпишаа 16.230 граѓани од земјите од регионот, кои се членки на Енергетската заедница [1].
Петицијата симболично беше испорачана на денешниот состанок на кој Министерскиот совет го одобри Патоказот за иднината на Енергетската заедница. Истиот вклучува планови за усвојување на дополнителна легислатива од областите заштита на животната средина и јавни набавки, подобрувања на контролните механизми за државна помош. Сите овие мерки имаат суштинско значење за да се стави крај на пониските еколошки стандарди (во споредба со ЕУ), чии последици ги трпат граѓаните во регионот, како и да се сопре трошењето на јавни пари за поддршка на валкани извори на енергија. Сепак, усвоениот документ не открива многу детали за тоа како овие планови ќе се остварат и не се обврзува на неопходното зајакнување на постоечкиот механизам за примена на законите на Енергетската заедница.
„Граѓаните на Македонија го дишат најзагадениот воздух во Европа; загадувањето само од суспендирани честички (ПМ10) ја чини домашната економија 253 милиони евра годишно, во 2011 г. тоа претставувало 3,2% од БДП – во истиот период РЕК Битола испуштила над десет пати повисоки емисии на ПМ10 од максимално дозволените законски граници. И покрај сето ова, наместо инвестиции во енергетска ефикасност, за нашата држава приоритетни се инвестициите во термоелектрани, не водејќи сметка дури ни за фактот дека Македонија има потврдени резерви на лигнит за помалку од 20 години. Навистина е крајно време за енергетска политика која ќе води сметка за квалитетот на живот на граѓаните и ќе има економска логика.“ порача Искра Стојковска од Фронт 21/42.
Во време кога Албанија го завршува своето претседавање со Енергетската заедница, а истото го превзема Босна и Херцеговина, Ермелинда Махмутај од албанското здружение ЕДЕН изјави дека заложбите за исполнување на барањата од петицијата ќе продолжат. „Тековните политики на земјите од Југоисточна Европа само вербално се посветени на европските климатски и енергетски цели, затоа ние ќе продолжиме со нашите напори, исполнувањето на овие барања е возможно со политичка воља и помош од алтернативните извори на енергија кои нашиот регион ги има во изобилие.“
Граѓански организации кои го поддржуваат известувањето за печат:
SEE Change Net (Босна и Херцеговина)
Аналитика (Македонија)
ATRC (Kosovo)
CEKOR (Србија)
CPI (Босна и Херцеговина)
CZZS (Босна и Херцеговина)
DOOR (Хрватска)
EDEN (Албанија)
Ekolevizja (Албанија)
Еко-свест(Македонија)
Forum za slobodu odgoja (Хрватска)
Fractal (Србија)
Фронт21/42 (Македонија)
Green Home (Црна Гора)
MANS (Црна Гора)
WWF Adria
CEE Bankwatch
Climate Action Network Europe
Белешки за уредниците:
[1] Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија. Хрватска не е веќе членка на Енергетската заедница, но хрватските здруженија ја поддржаа петицијата и нејзините барања.
Извор на фотографијата: Радио МОФ