Комуналниот отпад, го има низ цела Македонија, особено во Скопје, но воопшто не се користи за да се произведе топлинска енергија, велат експертите. Објаснуваат дека со 500 тони ѓубре колку што дневно се собира само во главниот град, може да се произведат големи количества на топлина. Препорачуваат што е можно поскоро да се изградат термоцентрали за оваа намена, зашто освен што би се заштедило на производство на енергија, би се заштитила и околината од загадување.
“Само топлинска енергија би се произвела околу 50 мегавати на час, што значи дека топланата Скопје – север, која може да произведе толку МW, може да работи комплетно на комунален отпад, без да трошиме природен гас“ изјави Славе Арменски – универзитетски професор.
Професорот Арменски вели дека под итно треба да се започне со согорување на ѓубрето, зашто само една печка во санитарната депонија “Дрисла“, е премалку за согорување на тоните пластика, хартија, метал и текстил.
“Ако од тој комунален отпад согориме 50 % , тоа значи дека за 50% ќе ја намалиме количината на отпад во Дрисла, ќе го рподолжиме векот на експлоатација на Дрисла, на 30, па дури и 60 години“ изјави Арменски.
Надлежните пак велат дека работат на изнаоѓање на концесионери за изградба на термоцентрали за производство на топлинска и електрична енергија од комунален отпад. Засега со 8 компании се заинтересирани за изградба на постројки во Полошкиот регион и во Југоисточниот дел на земјава.
За разлика од кај нас, во европските земји огромни количини ѓубре се користи за затоплување на домаќинствата. Само во Франција има повеќе од 130 термоцентрали.
Марија Мининчиќ
Преземено од: АЛФА ТВ