Во моментов, високоефикасни соларни ќелии се достапни само за вселенски проекти, пред сѐ заради нивната висока цена. Институтот за технологија од Ајндховен, Холандија, со финансиска помош од 1.2 милиони евра доделени од холандската влада, сака да развие ултраефикасни соларни ќелии кои истворемено ќе бидат и евтини. Тие предвидуваат нивните ќелии да имаат ефикасност и до 65%, нешто на што и вселенските летала ќе завидуваат.
Моментално, соларните ќелии остваруваат ефикасност од околу 40%. Неодамнешните истражувања и прототипи направени со концентрирани соларни панели успеаја да остварат конверзија од 41%, меѓутоа холандските истражувачи сакаат многу повеќе. Тие ќе користат системи со огледала кои ја концентрираат светлината на многу мала површина па многу малку материјал ќе биде потребен за самите соларни ќелии, кои инаку, во полна големина, би биле многу скапи за користење.
Jos Haverkort, еден од истражувачите, рече: „Ако Холандија сака навреме да се вклучи во комерцијалната употреба на соларни ќелии од нано-жици, тогаш сега е моментот да го фатиме возот“. Истражувањата ги води заедно со Philips MiPlaza.
Нивната идеја за како да го остварат својот сон е да наредат поголем број на подќелии (јазли) во секоја ќелија, во која секоја подќелија мора да претвори одреден дел од спектарот на светлината во електрична енергија. Најдобрата ќелија од нано-жици досега постигнува 8.4% ефикасност. Холандските истражувачи сакаат да ги стават нано-жиците во заштитно куќиште, со цел да обезбедат исто ниво на ефикасност како кај ќелиите од тенок филм. Haverkort верува дека 5 до 10 јазли би биле доволни да ја подигнат ефикасноста на ќелијата на посакуваните 65%.
И трошоците за производство се намалени, затоа што нано-жиците наменети за овие соларни ќелии можат да се направат од евтин силиконски супстрат и да се произведуваат брзо. Галиум и индиум, двата ретки и скапи материјали кои треба да се користат за малечките соларни ќелии, ќе бидат потребни во многу мали количини.
Пред неколку години, цената на соларните ќелии беше 3$ за ват. Денес таа е околу 2$, па дури и помалку. Откако научниците од Ајндховен ќе завршат со својата работа и нивните ќелии ќе се најдат на пазарот, цената би требало да падне на помалку од 50 центи за ват.
Преземено од sciencedaily