КОЧАНИ – „Во Македонија се евидентирани над 25 природни извори на геотермални води со температура поголема од 21 степен. Нашиот геотермален потенцијал се’ повеќе го подгрева интересот за негово искористување во производство на електрична енергија“. Ова го изјави вчера во Кочани претседателот Ѓорге Иванов под чие покровителство се одржа конференција „Геотермалната енергија во Македонија – кочанска депресија“ на која со свои научни трудови учествуваат професори – научни работници од Универзитетот „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“.
Стратегијата за искористување на обновливите извори на енергија во Македонија до 2020 година, предвидува од геотермалните води да се произведуваат од 400 до 440 гигават-часа електрична енергија.
„Недалеку од Кочани се наоѓа геотермалното лежиште Подлог – Бање со кое се загреваат оранжерии од 18 хектари, три училишта, судот и спортската сала. Верувам дека тоа се само дел од можностите кои ги дава геотермалната вода“, нагласи Иванов.
Зборувајќи за потенцијалот за развој на алтернативниот бањски туризам, шефот на државата го истакна постоењето на бањски комплекси во околината на Кочани, Гевгелија, Дебар, Струмица, Штип, Скопје, Куманово и Старо Нагоричане. Притоа констатира дека кај нас нема ниту еден геотермален спа-центар и тоа во време кога домашните, но, пред се’, странските туристи имаат потреба од вакви центри. Затоа, рече Иванов, ги охрабрувам стопанствениците и градоначалниците да бидат инвентивни, да инвестираат и да бидат првите кои ќе го освојат овој пазарен простор кој го нуди алтернативниот туризам.
Според градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, геотермалниот басен во општината е најиздашен на Балканот, со експлоатација на околу еден милион метри кубни годишно, со температура од 76 степени и заштеда на 4.000 тони мазут. „Ова потврдува дека има можности за развој на бањскиот туризам, агроберзата, но и за топлификација на градот и добивање електрична енергија“, потенцира Димитровски. (Д.Р.)
Преземено од: УТРИНСКИ ВЕСНИК