Доцни попладневни часови. Понеделник, 26-ти септември 2016 година. Стигнавме во, облеаната од последните сончеви зраци, Љубљана или како што ја нарекуваат нејзините жители – Љубљена. Цел на нашата посета, организирана од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост IME (Increasing Market Employability) е учество на конференцијата за одржлив туризам Global Green Destination Day. Конференција посебно значајна за првиот нејзин домаќин, затоа што Словенија е прогласена за топ зелена дестинација (Green Destination Gold), а Љубљана за топ зелен главен град (Top Green Capitol) за 2016 година.
Надвор од аеродромската зграда не пречекува гостопримлив и весел возач на минибус. Поранешен ветеринарен инспектор, кој на патот до хотелот, раскажува за „старите добри времиња“ кога живеевме во една држава, СФР Југославија, за незаменливото македонско овошје, зеленчук и вино, за старите пријателства. Не информира и за состојбата во Словенија, влијанието на глобализацијата и истиснувањето на познатите словенечки брендови, за младината која заминува. Не може да се начудиме: зарем некој сака да си оди од Словенија. И, следи заклучок – критериумите се различни и секогаш постои место на кое може да е подобро.
Соби, резервирани, во хотел „Парк“. Најурбаниот и зелен хотел во центарот на Љубљана, на само 9 минути одење пеш од Тромостовјето. Хотелот е оаза во самиот центар на градот, опкружен со прекрасно есенски заруменето зеленило и тишина. Сертифициран е со Gold Travel Life сертификатот со кој му се верификувани заложбите за одржлив туризам заради: редуцирање на електричната енергија за осветлување, намалување на отпадот, намалување на користење вода, почитување на вработените, нивни дообуки и фер наградување, поттикнување на локалните добавувачи и заради, вклучување на гостите во стремежите за одржлив развој. Воедно, хотелот е и станица за полнење на електричните градски автомоболи кои кружат во пешачката зона и се наречени Кавалири. И навистина се секому на услуга оправдувајќи го своето име.
Се упатуваме на краток одмор и освежување во собите пред вечерното излегување и впуштање во убавините што ги нуди главниот град на Словенија. Помеѓу двата лифта стои препорака да се користат само ако е неопходно за да се штеди енергијата. Со патните торби и не бевме многу расположени за оваа препорака која, следните денови, секој од нас, ја почитуваше. Интересно искуство, запознавајќи ја Љубљана преку сликите закачени на подестите. А во собите, пријатно изненадување: персонализирано добредојде со тегличка мед од сопствените кошници, лоцирани на рамниот покрив, заедно со саксии со разни зачини и зеленчуци. Убавина!
Вечерта ја поминавме талкајќи по убавата пешачка зона, која до пред десет години била исполнета со автомобили, во движење и паркирани, бучна и непријателска. Сега е тоа едно прекрасно и хумано место, кое ги поврзува мештаните и бројните туристи, на кое луѓето се дружат, релаксираат, уживаат. Улиците, рестораните и кафулињата романтично се осветлени со свеќи нудејќи пријатна и мистична атмосфера. Вечеравме во еден ресторан на самата Љубљанчица, познат по своите богати и разновидни палачинки, но и по гостопримството кое, патем речено, остави голем впечаток за време на престојот во Словенија. Ни претстоеја уште два интересни, возбудливи и исполнети дена.
Наредниот ден, 27-ми септември, се отвори конференцијата. ИМЕ имаше свој штанд на кој се собра целата наша група.
Конференцијата ја отвори Ева Штраус Подлогар (Eva Shtraus Podlogar), државен секретар во Министерството за економски развој и технологија. Следуваше обраќање на Алберт Салман (Albert Salman), председател на Green Destinations; видео-пораката на Талеб Рифаи (Taleb Rifai) од секретаријатот на UNWTO; Луиѓи Кабрини (Luigi Cabrini), председавачот на GGSC кој ја навести 2017 година како година на одржливиот туризам; МАја Пак (Maja Pak), директорка на Словенечкиот туристички совет, Јана Апих (Jana Apih), директорка на GoodPlace и уште 30-тина излагачи и настани во текот на двата дена.
По ручекот следуваа панелни дискусии и сесија „Ljubljana as a classroom“ за време на која, низ релаксирана прошетка, бевме запознаени со обележјата на зелениот развој. На крајот го посетивме и првиот зелен youth-hostel „CELICA“. Станува збор за поранешен политички затвор кој, во 1991 година, по разединувањето на Југославија, требало да биде урнат. Луѓето со жив ѕид го спасиле како симбол на слободната човекова мисла. Со помошта на повеќе уметници ја трансформирале енергијата и изгледот и го претвориле во место во кое нудат локална храна, домашен леб, мед, вишновка, јаболки. За подарок добивме вкусно интегрално лепче и стаклено шише во кое може да полниме вода на која било чешма во Љубљана, бидејќи целата вода е добра за пиење, што е една од целите на одржливиот развој на Словенија.
Вечерта, во Замокот на Љубљана, свечено беа доделени награди: Slovenia Green, QualityCoast and Green Destinations по што следуваше свечена вечера од традиционалната словенечка кујна, со словенечки вина и пријатна музика на која беа зацврстени многу пријателства.
И наредниот ден ја имаше истата динамика: презентации во големиот хол и панелни дискусии по ручекот, со акцент на сертифицирањето како маркетиншка алатка. Особено интересна беше презентацијаѕа на Ана Рош (Ana Rosh) која, во својот семеен ресторан, служи храна од локални добавувачи и пишува книга за тоа.
Нашите активности завршија со препуштање на есенското сонце и кафе во кафулето CACAO, словенечки бренд, уживајќи во преубавата пешачка зона покрај Тромостовје. Задоволни, со минибусот, тргнавме кон Загреб од каде летавме за Скопје.
Главните пораки од конференцијата се дека туризмот треба да е за сите и да води кон мир, обединувајќи ги луѓето преку запознавање на земјите и народите, на нивното културно наследство, на природните убавини и богатства, економија, етнички обележја, навики. Но, за туризмот да има позитивно влијание, мора да е одржлив бидејќи иднината или ќе биде зелена или нема да ја има, што беше и една од пораките на конференцијата. Одржливоста се обезбедува преку: намалување на потребите и трошоците за енергија, намалување на емисијата на стакленички гасови, намалување на потрошувачка на вода, зачувување на чистотата на водата, сортирање и рециклирање на отпад со цел да биде нула, компостирање, зачувување на биодиверзитетите, зачувување на културното наследство, користење на локални продукти заради развој на локалното мало стопанство, фер трговија, фер наградување, взаемно почитување.
Словенците сериозно се зафатиле со одржливиот развој. Секое постигнување го верификуваат и брендираат и ја бираат добитната комбинација на секое поле. А да научиме и примениме нешто од нив?
Автори:
М-р Жанина Стаменкова дипломиран градежен инженер
М-р Љубомир Илков дипломиран машински инженер