Имплементацијата на енергетската ефикасност во Македонија и понатаму останува предизвик. Во кратката анализа Енергетска ефикасност во Македонија две години подоцна – состојба на статус кво? од мај 2013 год. констатирано беше дека државата се наоѓа во состојба на статус кво во имплементацијата на политиката за енергетска ефикасност во периодот две години по донесување на релевантната правна рамка – Законот за енергетика во 2011 год. и на Стратегијата за развој на енергетиката и Стратегијата за енергетска ефикасност во 2010 год. Како дел од главните индикатори за состојбата на статус кво беа недонесените потребни подзаконски акти, Правилникот за енергетски карактеристики на зградите и Правилникот за енергетска контрола, кои во меѓувреме се донесени, непостоењето на Фондот за енергетска ефикасност, кој се’ уште не е основан, како и предизвиците како недоволно човечки и финансиски капацитети со кои се соочуваат општините во подготовка и имплементација на своите програми за енергетска ефикасност. Позитивен развој во областа на енергетската ефикасност се забележува кај одредени општини со иновативни програми за енергетска ефикасност кои се спроведуваат и се поддржани од градоначалниците на општините.
Според Стратегијата за енергетска ефикасност и Уредбата за индикативни цели за заштеда на енергија, Македонија има за цел вкупната заштеда на енергија до крајот на 2018 год. да изнесува 9% од просечната годишна потрошувачка на финална енергија во периодот од 2002 до 2006 година. Акционите планови на Стратегијата за енергетска ефикасност ја конкретизираат Стратегијата и предлагаат мерки за нејзина имплементација. По Првиот акционен план за енергетска ефикасност (АПЕЕ), во октомври 2013 год. е подготвена нацрт верзијата на Вториот АПЕЕ, кој дава процена на состојбата на спроведувањето на Првиот АПЕЕ и предлог мерки за енергетска ефикасност со цел намалување на финалната енергетска потрошувачка. Бидејќи се работи за релевантен документ насочен кон подобрување на енергетската ефикасност, од голема важност е да се анализира истиот за да се увидат неговите наоди за состојбата со имплементација на политиките за енергетска ефикасност, притоа да се идентификуваат главните бариери во областа и да се увиди како понатаму треба да се одвива имплементирањето на енергетската ефикасност.
По анализа на постигнатите заштеди на енергија, Вториот АПЕЕ констатира дека не се постигнале планираните цели за 2012 година. Документот исто така напоменува дека Македонија нема да ги постигне целите за намалување на потрошувачката на финална енергија до 2015 година без систематско и навремено спроведување на мерките утврдени во овој АПЕЕ. Вториот АПЕЕ е јасен во тоа дека потребно е целосна посветеност на сите чинители за успешна имплементација на предвидените мерки. Како дел од клучните мерки Вториот АПЕЕ ги наведува основање на Фондот за енергетска ефикасност, подготовка на соодветните подзаконски акти, зајакнување на институционалниот капацитет, подобрување на собирањето на статистички податоци за енергетска ефикасност како и поддршка на домаќинствата со мали примања за спроведување на мерки за енергетска ефикасност. Дел од конкретните мерки за енергетска ефикасност вклучуваат интелигентни мрежи, реконструкција на постоечките објекти, означување електрични апарати и опрема, промотивна програма за поширока примена на сончеви колектори, еколошки набавки, комбинирано производство, искористување на отпадна топлина, денови без автомобили, финансиски олеснувања, енергетска ефикасност во образованието, истражувањето и науката итн. Мерките се амбициозни, разновидни и нудат добри можности за намалување на потрошувачката на енергија. За нивна реализација потребни се темелни реформи и промена на свеста кај повеќе чинители. На пример, еколошките набавки ги засегаат сите јавни субјекти кои би распишувале тендери, но и повеќе приватни субјекти кои би биле заинтересирани да учествуваат на тие тендери. Успешноста на мерката денови за автомобили зависи од граѓаните – возачи и нивната свест, но и од релевантните донесувачи на одлуки во поглед на нудење на превоз кој би бил алтернатива на превозот со автомобил. Од друга страна, реализирањето на мерките како комбинирано производство и искористување на отпадна топлина зависи од достапноста на фондови за нивна реализација како и од волјата на релевантните чинители.
Како еден од најголемите приоритети е наведено развивање на ефикасен информатички систем за следење и верификација на активностите и големината на енергетските заштеди поврзани со спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност. Како што е наведено и во Вториот АПЕЕ при подготовка на истиот авторите се соочиле со проблеми поврзани со недостатокот на потребни податоци за пресметување на енергетските заштеди од поединечните мерења. Не е нова информацијата дека Македонија се соочува со недостиг на податоци што го отежнуваат процесот на стратешко планирање во енергетскиот сектор и процена на имплементацијата на предвидените мерки во стратегиите и програмите во областа, и овој се’ уште нерешен проблем би го загрозил остварувањето и на овој документ. За напомена е и фактот дека Агенцијата за енергетика е надлежната институција за мониторинг на спроведувањето на Вториот АПЕЕ и известувањето за резултатите. Агенцијата во своите последни програми за работа напоменува дека со соочува со сериозен предизвик во целосно, невремено и квалитетно извршување на предвидените работни активности со оглед на фактот дека нема доволно човечки капацитети. Оттука се поставува прашањето како би успеала Агенцијата да ја заврши својата обврска за мониторирање на тоа како се спроведувал Вториот АПЕЕ без соодветни човечки капацитети. Последно, но не помалку важно е потребата од реални и стабилни финансиски извори за спроведување на Вториот АПЕЕ како што е наведено и во самиот документ. За потребни финансиски средства за периодот 2013-2015 е наведена сума од над 11 000 милиони денари. Ова уште еднаш ја нагласува потребата за основање на Фондот за енергетска ефикасност или обезбедување на друг вид на соодветно финансирање со оглед на фактот дека за реализација на предвидените мерки потребни се огромни суми.
Македонија се има заложено за подобрување на енергетската ефикасност на своја територија во согласност со ЕУ директивите и донесената правна рамка укажува како да стигне до зацртаните цели. Вториот АПЕЕ дава детална анализа на тековната состојба со идентификување на проблемите и содржи многу амбициозни мерки за енергетска ефикасност. Останува на сите релевантни чинители максимално да ги искористат своите капацитети за придонес кон имплементација на политиките за енергетска ефикасност за третиот акционен план да не се повторува со тоа дека предвидените цели во претходниот не се постигнати. Вториот АПЕЕ предвидува бројни мерки, и за негова реализација потребно е политичка и институционална волја, подобрување на собирањето податоци како и доволно ресурси и капацитети за реализација на планираните политики. Ризикот постои како и со Првиот АПЕЕ да не се остварат зацртаните цели за енергетска ефикасност со оглед на амбициозноста на Вториот АПЕЕ, потребата од големи финансиски средства и од активно вклучување на многу чинители. Краткиов преглед имаше да цел да укаже на фактот дека енергетската ефикасност е комплексна материја и дека нејзината имплементација, во што државата заостанува, бара сеопфатни реформи во повеќе области и дека нејзиното подобрување бара значајни напори, волја и ресурси. Само на тој начин би можела Македонија да оствари напредок во областа на енергетската ефикасност и да ги оствари целите на Вториот АПЕЕ.
Извор на сликата: https://gov.cbia.com/issues_policies/article/energy-strategy-adopted-renewables-expanded-efficiency-promoted