Пред скоро еден месец, Светската банка додели грантови на неколку невладини организации за проекти од областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој. Една од тие организации е и здружението „Регионален центар за оддржлив развој“ од Кратово, кој аплицираше со проект под име „Енергетските ресурси-виза за сигурна иднина“.
Во врска со овој проект и за активностите на „Регионалниот центар за одржлив развој“ разговараме со г-ца Јорданка Шапкалиска, проект координатор во рамки на РЦОР.
- Кажете нѝ кои се целите на проектот „Енергетските ресурси-виза за сигурна иднина“?
– Преку проектот „Енергетски ресурси- виза за сигурна иднина“ имаме за цел да делуваме во насока на поттикнување на локалните актери за поголемо учество во искористување на алтернативните природни ресурси на енергија, преку кои ќе се овозможи остварување на поголема енергетска ефиканост, ќе придонесе кон локален одржлив енергетски развој и секако, подобрување на квалитетот на живеење во општините.
- Кои активности се планирани во овој проект?
– Предвидени се работилници за примена на техниките на енергетска ефикасност во секоја од општините, воедно и анимирање на младите преку учество на конкурс за ликовна и поетска творба на тема „Енергетска ефикасност“, опфаќајки ги учениците од ОУ во регионот, како и организирање на креативни работилници, подготовка, дистрибуција на промотивни материјали, медиумска промоција.
- Проектот како што прочитавме на Вашиот сајт, ќе се имплементира во пет општини. Дали во секоја општина ќе се имплементираат истите активности, или земајќи ги предвид нивните специфични карактеристики во поглед на енергетика, ќе се имплементираат различни активности?
– Во сите пет општини ќе се имплементираат исти активности
- Што очекувате од реализацијата на проектот?
– Очекуваме подлабоко запознавање на целните групи со значењето и важноста од остварување на енергетска ефикасност, нивна целосна вклученост во креирање и примена на локални механизми за поддршка за зголемување на енергетската ефикасност, очекуваме зголемување на свеста за заштеда на енергија на сите нивоа, а воедно и намалување на загадувањето на животната средина кое ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на живеење во општината како и врз здравјето на луѓето.
- Вие како организација функционирате веќе 7 години. Дали во Вашето работење, покрај овој проект, имавте други проекти од областа на енергетска ефикасност?
– Нашето здружение има реализирано повеќе проекти од областа на животната средина, но овој проект претставува прв во рамки на областа од ЕЕ.
- Според мислењето на Вашата организација, кои се главните пречки за имплементирање на концептот на ЕЕ во Р. Македонија?
– Како потенцијални пречки при имплементација на ЕЕ концептот, може да претставуваат непостоење на адекватни услови за реализација на истиот, потребата од стручен кадар, како и непостоењето на локални политики и програмии за ЕЕ.
- Што мислите, дали новиот Закон за енергетика ќе ја подобри состојбата во врска со ЕЕ во Р. Македонија?
– Секој закон доколку има адекватни предиспозиции за имплементација е добар закон, а колку и дали ќе се овозможи и остварување на целта од неговото постоење зависи колку и како ќе се имплементира во пракса. Секако тука придонесува и работата на локалните самоуправи преку донесување програмата за ЕЕ, во која се дефинираат мерки за унапредување и подобрување на ЕЕ, преку која се регулира ефикасноста на локално ниво.
- Кои се идните активности на Вашата организација?
– Нашата организација како и досега ќе се стреми кон трасирање на патот кон остварување на нашата мисија, а тоа е пружање на поддршка за обезбедување на одржлив развој и поголема мобилизација на сите структури во локалната заедница кои можат да дадат придонес кон побрза интеграција на регионот во сопствени рамки, но и интеграција на Македонија во рамки на ЕУ.