Големи странски енергетски компании сакаат да вложат капитал во Електрани на Македонија, но само ако подоцна добијат 51% од сопственоста на државната компанија. Дел од енергетските компании кои ги контактираше “Капитал“, како РВЕ, ЕВН, ЕФТ, Статкрафт, објаснуваат дека идејата за продажба на најмногу 49% од капиталот на ЕЛЕМ или докапитализација до 49%, планови зацртани во предизборните програми на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, звучат примамливо. Оттаму објаснуваат дека можноста за приватизација на дел од ЕЛЕМ, како единствена државна компанија која произведува струја, е атрактивна, особено затоа што Македонија сe уште не ги реализираше планираните круцијални енергетски проекти.
Од ЕФТ Македонија велат дека можноста за стекнување 49% од капиталот на ЕЛЕМ е одлична, но дискутабилно е дали некој инвеститор ќе вложи многу пари, а да не го добие управувачкиот пакет.
“Сме заинтересирани, би сакале да влеземе во ЕЛЕМ. Сите енергетски капацитети во регионот се интересни за нас, вклучувајќи го и ЕЛЕМ. Но, сe зависи од коректноста на тендерот и на условите. Многу работи ќе зависат и од тоа дали државата ќе дозволи продажба или докапитализација на најмногу 49% од капиталот на ЕЛЕМ. Вреди да се преговара за тоа дали во иднина потенцијалниот инвеститор би стекнал повеќе од 51% од капиталот на ЕЛЕМ“, вели Кочо Анѓушев, директор на ЕФТ Македонија.
Преземено од: КАПИТАЛ