- Компанијата ДТК СМАРТ–ТЕК е спин офф компанија на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Зошто одлучивте да ја формирате на факултетот и дали соработувате со професорскиот и другиот кадар на факултетот?
Нашата компанија е формирана од тројца професори на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Неколку години пред формирањето на ДТК Смарт-тек, тимот од професори соработуваше на еден меѓународен научно-истражувачки проект (SEERA NET PLUS. 078/01:TVHAPQA) од областа на квалитет на електрична енерија. Имавме одлични резултати во проекот, но уште поважно беше тоа што по неговото завршување, останаа многу отворени идеи на кои продолживме да работиме. Потоа се отвори првиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, кој беше иницијална каписла да превземеме чекори за реализација и комерцијализација на овие идеи. За нас немаше дилеми околу тоа дали да ја реализираме ДТК Смарт-тек како спин офф компанија. Идејата од почеток се роди во академска средина и токму тука го гледаме нејзиниот најголем потенцијал. Соработката со останатиот професорски кадар е наша вообичаена практика гледано и од перспектива на ДТК Смарт-тек и од перспектива на Факултетот за елекротехника и информациски технологии, кадешто професионално сме ангажирани. Впрочем, најдобар пример за тоа е токму тимот од професори кој ја формираше ДТК Смарт-тек и кој потекнува од различни Институти на ФЕИТ. Од друга страна, тука се и студентите на ФЕИТ. Ние сме привилегирани да работиме со нашите одлични студенти, а дел од нив и да ги ангажираме како практиканти во ДТК Смарт-тек. Во таа смисла, ДТК Смарт-тек функционира како вистинска спин офф компанија, односно како функционален спој помеѓу академијата и индустријата.
Симболично, симбиозата на ДТК Смарт-тек и ФЕИТ беше демонстрирана со промоција на првото прототипно решение на системот за менаџмент со електрична енергија токму на ФЕИТ. Студентите го користат овој систем за нивните вообичаени практични активности и изработка на дипломски трудови, а наскоро ќе се бранат и две дипломски кои ќе демонстрираат како ФЕИТ може да ги намали расходите по основ на електрична енергија со помош на системот за менаџмент на електрична енергија на ДТК Смарт-тек. Од друга страна, компанијата ДТК Смарт-тек ги верификува и сертифицира метролошките карактеристики на системите во рамките на акредитираната метролошка лабораторија за електромагнетни величини на ФЕИТ.
- Фондот за иновации и технолошки развој ја препозна и „финансира“ Вашата идеја. Ве молам, објаснете што, всушност, работи компанијата?
Компанијата делува во три насоки: развој, услуги и едукација. Од развојните активности, примарно сме фокусирани на хардверски и софтверски решенија на системи за менаџмент со електрична енергија. Во светот постојат вакви системи кои постојано еволуираат што се должи на развојот на технологијата, но и на нивната актуелност. Од друга страна, тоа нуди и реална шанса за постојана конкурентност и развој на иновации. Една од објективните пречки за поголема застапеност на системите за менаџмент со електрична енергија од светските брендови во стопанството на Република Македонија е нивната цена. За жал, цената на овие системи е премногу висока, а со тоа и периодот за повраток на инвестиции често е премногу долг. Токму цената на системите е една од основните предизвици на нашата компанија. Хардверската и софтверската реализација на нашите системи, покрај другото, овозможува интегрирање и на постоечка мерна опрема која значително ја намалува цената на чинење на системот. Дополнително, конкретните иновативни решенија овозможуваат поедноставување на хардверската реализација без да се нарушат метролошките карактеристики.
Од друга страна, системите за менаџмент со електрична енергија служат за реално “снимање” на консумацијата на електрична енергија, но сами посебе не внесуваат заштеди. Со други зборови, без содветна експертска анализа на мерните податоци и предлагање соодветни корективни мерки, инвестицијата во системот за менаџмент со електрична енергија не би бил ништо друго освен финансиски трошок. Тоа е вториот аспект на делување на нашата компанија, односно нудење услуги во вид на експертски анализи за да се зголеми енергетската ефикасност на компаниите. Токму тоа е клучот кој внесува економска логика во ваквите инвестиции.
Конечно, третата компонента на делување на ДТК Смарт-тек се обуки и сертификација. Наш императив е нашите клиенти да бидат одржливи и обучени за ракување со системот за менаџмент со електрична енергија, како и обучени за следење и идентификување на индикаторите за енергетска ефикасност. Многу често, завршната фаза од имплементацијата на системите за менаџмент со електрична енергија резултира со сертификација и имплементација на стандардот за енергетски менаџмент ISO50001, за што исто така нудиме помош.
- Менаџирањето со трошоците е една од економските обврски и логики на функционирање на компаниите. Како Вашето решение им помага на клиентите да ја намалат сметката за потрошената електрична енергија?
Постојат голем број можности за зголемување на енергетската ефикасност, односно намалување на расходите по основ на потрошувачка на енергија од кој било тип. Меѓутоа, врз големината на заштедите влијаат повеќе фактори: типот на компанијата, енергенсите кои се користат, навиките на персоналот, самиот индустиски процес и слично. Генерално, може да се каже дека кај индустриските компании има поголема можност за заштеда, што пред се, се должи на видот на елекричната опрема која се користи во процесите.
Се започнува со анализа на податоците од системот за менаџмент со енергија и анализа на фактурите за енергија. Преку таквите анализи се идентификуваат главните учесници во енергетскиот биланс на компанијата и се врши реална проценка за нивната ефикасност. Доколку се покаже дека ефикасноста не е задоволителна се вршат проценки за замена на опремата со друга поефикасна опрема и се анализира периодот за повраток на инвестиции. Системот за менаџмент со енергија овозможува овие анализи да бидат реални, во спротивно тие ќе се сведат на ниво на шпекулација. Од друга страна, многу често можат да се постигнат значителни заштеди и без дополнителни инвестиции, односно преку промена на навиките или промена на режимот на работа на индустрискиот процес. На пример, мало прераспределување на периодот на работа на електричната опрема може значително да ја намали врвната ангажирана моќност (максиграф) во фактурата. Слично, прост пример за лоши енергетски навики е лице кое има навика да ја запали светилката во просторијата во услови на ден наместо да ја подигне ролетната на прозорецот. Меѓутоа, обично лицата кои имаат вакви „лоши” навики не се свесни за тоа, а ниту се свесни за загубите кои ги предизвикуваат. На овој начин, без инвестиции, може да се постигнат значителни заштеди само со подигнување на свеста за енергетска конзервација.
Пропратна, но не и помалку важна активност во процесот на евалуација на енергетската ефикасност, е и идентификување на загуби на други типови енергија. На пример, вршење термовизиско снимање за откривање загуби на топлинска енергија во грејни или ладилни тела или простории и слично.
- Имате хардверско решение, но како компанија нудите и софтверски решенија за компаниите. Тоа значи интегрирана услуга кон клиентот?
Точно така, хардверот врши мерење на сите релевантни параметри на електричната енергија и ги запишува за понатамошно телеметриско следење од каков било паметен уред. Но, она со кое што се судира клиентот во преден план е софтверската алатка. Имаме развиено две софтверски решенија со слична полна функционалност: PowerMON и NET PowerMON. Разликата помеѓу нив е во пристапот, односно NET PowerMON користи интернет врска и може да пристапи независно од локацијата, додека PowerMON може да се користи само локално во компанијата. Во секој случај, наша основна определба е интегрирана услуга кон клиентот со која ќе се покријат сите аспекти на енергетска ефикасност.
Јасно е дека со системите, во иднина, треба да работат и лица кои имаат сиромашни технички предзнаења. Развојот на софтверот, кој патем никогаш не завршува, е воден со оваа мисла. Имено, двете софтверски алатки се дизајнирани на таков начин што нивното ракување е многу едноставно и во голема мерка, автоматизирано. На пример, со „еден клик” клиентот може да добие предефиниран извештај за одреден временски период, да добие симулација на фактура или автоматски да биде алармиран при надминување на одредени гранични вредности. Функционалноста на софтверот останува и понатаму да се надградува, а ние сме отворени на тоа да работиме заеднички и да ги задоволиме специфичните барања на клиентите.
Ормар со мерен модул од системот за менаџмент со електрична енергија
Преглед на софтверската алатка NET POWERMON
Преглед на софтверската алатка POWERMON
- Дали им помагате на компаниите да имплементираат стандарди за менаџирање со енергија? Колку компаниите го прифаќаат ова и работат согласно предвидените законски регулативи?
Имплементација на стандарди од областа на енергетска ефикасност е светски тренд, присутен и во Република Македонија. Компаниите имаат желба да ги применат овие стандарди во својата работна практика, а посебно стандардот од серијата ISO 50001 кој се однесува на менаџирање со енергија. Имплементацијата на вакви стандарди овозможува систематско одржување на енергетската ефикасност во компанијата и создавање навики за постојано подобрување и конзервирање на енергетските ресурси. Од друга страна, јасно е дека ефикасна имплементација на ваквите стандарди е можна само доколку компаниите имаат реален увид во нивната потрошувачка на енергија, односно имплементацијата на стандардите е тесно поврзана со поседување добар систем за менаџирање со енергија. Слободно може да се каже дека суштинската имплементација на стандардот ќе биде онолку добра колку што е добар и системот за менаџмент со енергија во компанијата и податоците кои ги нуди.
Ние сме подготвени да им помогнеме на компаниите за имплементација на стандардот ISO50001 и притоа, во тој процес, да изградиме еден вид партнерски однос. Од врвна важност за нас е довербата од клиените. Многу е важно компаниите да ја разберат нашата порака, кои треба да не доживеат како комплетна подршка за имплементирање на решение кое за кратко време може да ги врати вложените средства и да донесе заштеди во иднина.
- Вашиот тим е составен од професори, студенти и инженери. Значи ли тоа, спој на теоријата и праксата за нудење најдобри решенија?
Во нашиот тим ја гледаме иднината на ДТК Смарт-тек, а тој е спој на искуство и младешка енергија. Професорскиот тим има долго научно-истражувачко, но и апликативно искуство. Од друга страна, студентите се движечката сила кои носат свежи идеи, даваат енергија и не инспирираат во работата. Секако дека тимот е спој на теоријата и праксата, а точно е и дека имаме добро решение. Останува да го имплементираме во компаниите, но и постојано да го слушаме нивното мислење.