Канадската компанија Трилиум Холдинг сака да инвестира 34 милиони евра во изградба на ветерници во Македонија.
Претставниците на компанијата на чие чело е македонски иселеник преку партнерство со фирма од земјава планираат да изградат 27 ветерници во близината на Богданци.
Изминатиот период го испитуваат потенцијалот на ветерот во југоисточна Македонија. Регионот веќе важи како еден од најпогодните за производство на електрична енергија од ветер и инвестиции во него веќе најавија и други компании.
– Нашиот интерес е заради поволностите и поддршката што ги нуди државата, но и барањата на ЕУ секоја земја да произведува обновлива енергија во извесен процент, што ја прави оваа дестинација актрактивна. Инвестиција од 34 милиони евра е значајна како сума, а ќе го подобри енергетскиот капацитет на земјата и ќе вработи македонски стручњаци – вели Васко Пастенаров, претставник на Трилиум Холдинг.
Трилиум Холдинг направиле првичен контакт со Агенцијата за странски инвестиции и за енергетика, а проектот го презентираат и пред инвеститори кои би вложиле дополнителен капитал.
Очекуваат потребните дозволи за изградба и вклучување во енергетскиот систем на земјава да ги добијат во текот на 2012-та, по што би влегле во следната фаза на инвестицијата. Покрај ветерниците заинтересирани се и за изградба на мали хидроцентрали.
Трилиум Пауер во Канада инвестира во најголемиот ветерен парк на слатки води на континтентот на Северна Америка. Ќе гради 800 ветерници на езерото Онтарио кои треба да заменат неколку електрани на јаглен кои се пред затворање.
Преземено од: СИТЕЛ