Македонската амбасада во Пекинг има директни контакти со претседателот на конзорцумот „Клисури“, од каде што испраќаат гаранции дека доколку го добијат тендерот, инвестицијата ќе биде изведена бргу и ефикасно и ќе биде последен продукт на современата техника и технологија
Кинезите стрелаат кон „Чебрен“ и „Галиште“
По „Вардарска долина“, Кинезите ги насочуваат своите интереси кон хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, чија изградба се планира на Црна Река. Тим од дваесетина економисти и инженери од кинескиот конзорциум „Клисури“ деновиве во Македонија го испитува теренот за инвестицијата која, по онаа што се планира во „Вардарска долина“, ќе биде меѓу најголемите во државава. „Клисура“ и официјално е една од десетте квалификувани компании што учествуваат на тендерот за изградба на овие централи. Овие податоци ги потврдуваат и од македонската амбасада во Кина, од каде што се координираат сите активности, и од Министерството за економија, каде што се водат тендерските постапки. – Кинезите се сериозно заинтересирани да го земат овој проект во нивни раце. За таа цел, неколку огромни инвестициски компании формираа конзорциум наречен „Клисури“ и составија екипа од врвни експерти. Некои од нив сега се во Македонија и работат на добивање на тендерот за хидроцентралите на Црна Река – информира соговорник што ги координира работите помеѓу кинескиот конзорциум и нашето Министерство за економија, а преку македонската амбасада во Пекинг.
Од амбасадата потврдуваат дека релациите на оваа тема се вжештуваат и дека речиси и нема двоумење од кинеска страна за тоа дали да го градат проектот или не. Се очекуваат само резултатите од тендерската постапка. – На тендерот се пријавени кинески компании што стопанисуваат со „Трите убавици“ на реката Јангце. Тоа јасно зборува за капацитетот и сериозноста на конзорциумот, кој претендира да ги гради „Чебрен“ и „Галиште“. Амбасадата има директни контакти со претседателот на конзорцумот „Клисури“, од каде што добиваме постојани гаранции дека доколку го добијат тендерот инвестицијата, ќе биде изведена брзо и ефикасно и ќе биде последен продукт на современата техника и технологија – велат од македонската амбасада во Пекинг. Оттаму потврдуваат дека Кинезите се подготвени уште сега да влезат во претпристапни преговори за проектот, но сепак ќе ги чекаат официјалните резултати од тендерот. Од првично пријавените 16 компании, претквалификациите ги поминаа само десет, меѓу кои се и кинеските инвеститори, информираат од нашето Министерство за економија. Сите до 29 јули треба да ги достават понудите за изградба и Македонија да го добие најголемиот енергетски проект досега. Целиот проект се очекува да чини од 600 до 700 милиони евра. Ќе се реализира во партнерство со државната компанија ЕЛЕМ. Некои од експертите велат дека нивната изградба се наведува и како предуслов за евентуална изградба на нуклеарка, која би користела вода за ладење на реакторите токму од овие акумулации. Квалификувани компании и конзорциуми – „АС електрик“, Велика Британија |
|
|
Преземено од Нова Македонија