Компјутерската технологија напредна многу од претставувањето на интегралните кола пред 60тина години, посебно во нивната пресметувачка моќ. Но дали постои Муров закон за енергетска ефикасност на компјутерите?
Муровиот закон вели дека бројот на транзистори кои можеда бидат поставени на едно интегрирано коло се удвојува на секои две години, правило кое кое горе-долу се запазува со текот на годините, уште од 1970-тите. Но, педантните статистичари забележале дека и кај енергетската ефикасност на компјутерите се забележува сличен тренд, почнувајќи од 1940-тите па наваму.
Оваа стапка на подобрување (намалување на потрошувачката на енергија за 100 пати секоја деценија) го овозможи постоењето на уреди кои денес се речиси сеприсутни, како паметни телефони или лаптопи, кои можат да извршат огромен број на пресметки во една секунда и да издржат со часови на само едно полнење на батеријата.
Како што на уредите им треба сè помала и помала енергија, нови можности се откриваат. Со само мала количина на енергијаќе може да се одржува мала мрежа на мобилни уреди кои ќе можат да „собираат“ енергија од светлина, топлина, движење или пак да ги искористат радио и ТВ сигналите за напојување (сепак и тие претставуваат електромагнетни бранови). Така, овие мали самонапојувачки компјутери ќе можат да се вградат во секакви продизводи.
Според Џон Куми, професор на Универзитетот Стенфорд, компјутерите денес се 40 000 пати поефикасни отколку во 1985 година. Во тоа време, познатиот физичар Ричард Фејнман, еден од првите научници кои ја зачнале идејата за квантни компјутери, проценил дека компјутерите ќе станат 100 милијарди пати поефикасни. Тој својата претпоставка ја темелел на во тоа време неверојатниот концепт да се направи транзистор од само три атоми.
Но, денес ова и не изгледа толку неверојатно, посебно ако се има предвид дека годинава истражувачите од универзитетите Пердју и Јужен Велс објавија дека создале транзистор од само еден атом. Што значи допрва треба да ги видиме вистинските потенцијали на компјутерите.