Според една нова студија на Националната лабораторија за обновлива енергија (NREL) при Министерството за енергија на САД, електроенергетските компании можат значително да профитираат од употребата на концентрирана соларна енергија (КСЕ) и достапните методи на складирање на енергија.
Систем на КСЕ кој има капацитет за складирање на енергија од 6 часа служи како одлична компензација при потрошувачки пикови кога, во оној дел од денот кога нема сонце. Според студијата, тоа е доволнода додаде 35.8 долари по мегават час кон капацитетот и оперативната вредност на електроенергетската компанија, споредено со фотоволтаичните централи, а разликата е уште поголема споредено со централите со КСЕ кои немаат систем за складирање енергија.
Системот за термичко складирање создава додадена вредност бидејќи дозволува концентрираната соларна енергија да ги замени термоцентралите на мазут кои најчесто се користат за задоволување на побарувачката при шпицови и се скапи заради цената на мазутот. Исто така, КСЕ со систем за складирање носат бенефит и заради способноста да генерираат електрична енергија со постојан капацитет во текот на едно деноноќие, наместо големи осцилации меѓу денот (кога генерира) и ноќта (кога не работи).
„Оваа студија е една од првите каде оперативната вредност на централа со концентрирана соларна енергија и термички систем за складирање се одредува со помош на модел за трошоци на производство, кој најчесто се користи кај електроенергетските компании“, пишува во студијата на NREL.
Истражувачите го користеле симулацискиот модел PLEXOS од компанијата Energy Exemplar со цел конкретно да се одреди вредноста на термичкиот систем за складирање на енергија, во споредба со другите методи на генерирање енергија.
-Од поодамна знаеме дека централите со КСЕ со систем за складирање додаваат значителна вредност, меѓутоа, сега сме во состојба да ја измериме и претставиме оваа вредност во формат кој компанијата ќе го разбере – рече Марк Мехос, менаџер на Програмата за концентрирана соларна енергија на NREL.
Според него, најкорисното во употребата на концентрирана соларна енергија со систем за складирање е што не се исфрлаат од игра евтините методи на производство на електрична енергија, туку напротив, најскапите, како мазутот.