Кредитна линија од шест милиони евра за изградба на седум мали хидроцентрали. Денеска министерот за економија Фатмир Бесими го потпиша договорот со Европската банка за обнова и развој.
“Со потпишување на овој договор се овозможува реализација на кредитот од шест милиони евра, кој што беше одобрен минатата година, за изградба на седум мали хидроцентрали. Покрај 22 000 мегават часови електрична енергија ќе се овозможи и заштеда на емисија од 15 000 тони јаглерод диоксид. И во иднина ќе ги подржуваме ваквите проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори “ изјави Елена Урумовска, претставник на ЕБОР во Македонија
Со овој договор им се овозможува на инвеститорите да ги реализираат проектите. Од конзорциумот Феро – инвест и Гранит велат дека е почната градбата на три од седумте мали хидроцентрали. Инвестицијата изнесува 11,5 милиони евра.
“За останатите четири хидроелектрани, градежните дозволи треба да се добијат до крајот на идниот месец. Сите седум хидроелектрани треба да бидат готови до април 2012.Овие хидроцентрали се мали само по името, но се работи за голема инвестиција “изјави Кочо Анѓушев, сопственик на Феро инвест.
Анѓушев вели дека година дена траела процедурата за вадење градежна дозвола. На тешка административна процедура за вадење на сите потребни документи за изградба, претходно се пожалија и други инвеститори. Министерот Бесими вели дека се преземени мерки со кои инвеститорите полесно ќе ги добиваат сите потребни документи за старт на инвестицијата.
“Направивме некои чекори, формиравме координативно тело на претставници од повеќе институции кои работат само на оваа област, да им помагаат на потенцијалните инвеститори околу документација изјави Фатмир Бесими, министер за економија.
За изградба на мали хидроцентрали се реализирани четири огласи и се потпишани 47 договори за нивна реализација со вкупна вредност од 60 милиони евра. Во тек е петтиот оглас на кој се нудат 44 локации рече Бесими.
Љупка Камчева
Преземено од: КАНАЛ 5