Градоначалникот Зоран Дамјановски очекува наскоро чешки експерти да дојдат во Куманово и да се запознаат со проблемот со складирање на цврстиот отпад, кој би се искористувал, според примерот на Прага, за производство на електрична и на топлинска енергија
Североисточниот регион има услови и може да управува со цврстиот отпад според примерот на Прага, преку концесија за јавно-приватно партнерство, смета градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, кој деновиве беше во посета на главниот град на Чешка. Тој смета дека со тоа може да се подобри и економската состојба на граѓаните преку вработување на околу 150 лица.
– Половина од градот Прага се затоплува од топлата вода од топланата во која гори цврст отпад – вели Дамјановски.
Тој најавува дека наскоро очекува чешките експерти да дојдат во Куманово за да ја согледаат состојбата, да се запознаат со начините на собирање и складирање на цврстиот отпад кој со децении се исфрла на депонијата во близина на селото Пчиња. Според Дамјановски, во првичните разговори претставниците на Североисточен регион добиле позитивни сигнали од Прага, кои како производители на високите печки биле расположени и за влегување во партнерство за овој вид соработка.
Објектот каде што согорувал отпадот во Прага, како што тврди Дамјановски, од каде што се произведува електрична и топлинска енергија, се наоѓал на само 2 километра од центарот на градот, во средина на урбаната средина.
– За ова не се потребни специјални локации и позиции. Загадувањето е минимално – вели Дамјановски.
Според него, ова е една од добрите можности Североисточниот регион да добие ваков проект и се надева дека во наредните година-две Владата ќе го овозможи тоа за овој регион.
– Преку јавно-приватно партнерство менаџирањето со цврст отпад ќе биде од полза и за економскиот развој бидејќи се отвораат можности за околу 150 нови работни места – вели Дамјановски. (С.А.Ј.)
Преземено од Дневник