Деновиве се крена прашина околу проектот „Луково Поле“ – проект кој е долго најавуван, првин како дел од проектот „Вардарска долина“ (незнам зошто, бидејќи се работи за различен слив), во поново време како проект подржан од Светската банка кој ќе помогне за зголемување на производството на електрична енергија. Иако се работи за проект за ообновлив извор на енергија кој е во рамките на Кјото протоколот и Механизмот за чист развој, сепак истиот проект не беше пријавен за добивање на јаглеродни кредити .
Предложениот проект се наоѓа во северо-западна Македонија во регионот на Кораб планина на надморска височина од 1500 метри, низводно на постоечка каскада во Маврово, која вклучува три хидроелектрични централи : Врбен, Вруток и Равен. Проектот за обновлива енергија опфаќа изградба на околу 20 километри долг канал за зафаќање на вода
од сливното подрачје на Кораб и реката Црн Камен, 70 метри висока брана на Луково Поле, која ќе има капацитет од околу 39 милиони кубни метри , и мала хидроелектрана ( Црн Камен ) од околу 5 мегавати низводно од Луково Поле . Резервоарот ќе биде во рамките на Националниот парк Мавровоќе опфаќа меѓу 1,5 и 0,1 квадратни километри вода на максималните и минималните ниво резервоар. Македонија е рангирана дванаесета по ранливост и петта по изложеност на климатските промени и овој проект ќе влијае како мерка за адаптација против очекуваните намалувања и варијабилност на врнежите а со тоа и на климатските промени.
httpss://www.google.com/maps/preview/place//@41.8688481,20.674017,12z
Вкупниот проект чини 83 милиони евра, од кои 70 милиони ќе бидат обезбедени како кредит од Светската банка. Иако проектот опфаќа само една мала хидроцентрала од 5 MW сепак презентираната промена на капацитетот на мавровската каскада би значело дополнителни 160 GWh електрична енергија годишно, што е значајно зголемување на производството, меѓутоа истото е дискутабилно. Имено овој систем иако ќе зафати дел од водите кои не се опфатени со Мавровскиот Хидросистем, сепак треба да се провери финансиската исплатливост на самиот проект преку подетални финансиски анализи.
Приказната за Луково поле почнува дури во 2009 кога се потпиша договорот за обележување на границата со Косово каде се направија некои промени (според опозицијата во тоа време противуставни). Весникот Нова Македонија во Октомври 2009 објавува:
Во областа Стрезимир, каде што е проектирана брана, граничната линија, наместо најдолу во долот, е подигната на највисоката кота, со што Македонија добила голем простор. На овој потег се планира изградба на хидроцентрала „Луково Поле“ со вештачко езеро, кое ќе ги црпи водите од Шар Планина и Кораб. Доколку не се направеле овие корекции, би требало да се дели територијата на Луково Поле со Косово и тогаш би се делеле и езерото и произведената електрична енергија, велат нашите извори.
Од денешна перспектива, таквиот потег изгледа добар, иако за сметка на таа површина се отстапени површини кај стратешката кота Кодра Фура што според мое мислење и не е толку страшно.
Од еколошки аспект иако претходно имаше повеќе реакции од неколку еколкошки здруженија, овој проект стана интересен по протестите во Албанија против овој проекти и средбите помеѓу политичките врвови на двете земји. Иако има реакции и од меѓународни организации, посебно што самата акумулација припаѓа во националниот парк Маврово кое пак е потенцијална локација за Натура 2000, сепак во медиумите воопшто не се истакнува локалниот еколошки аспект, туку се дава акцент на меѓународните односи со Албанија и влијанието во делот Дебар/Дибра. Ова многу добро е објаснето во написот во DW на Катерина Блажевска „Еколошки или други мотиви ја прелеаја акумулацијата „Луково поле““?.
Самите аргументи поврзани со ендемските видови и самото заштитено подрачје држат вода и дополнително треба да се утврди влијанието. Веќе се изработеи EIA и ESIA (јавно недостапни во финална форма)со цел да се утврди влијанието на проектот врз животната средина, но и социјалниот аспект. Во секој случај проектот ќе има определено негативно влијание врз животната средина, но по направените студии, мора истото да се спореди со останатите (претежно економските) придобивки. Во самата драфт верзија на ESIA дадени се доволно информации
Социјалниот аспект во овој случај е доста занемарен поради фактот што овој проект не влијае значајно врз определни места, ниту поситивно, ниту негативно. Единствено реакциите се од иселениците од реканскиот регион во САД, кои бараат итно стопирање на проектот. Сепак во овој случај интересите на луѓе врз кои овој проект има речиси никакво влијание, не можат да бидат пресудни за реализација на проектот.
Од аспект на одржлив развој, се работи за проект кој нуди зголемување на капацитетите на обновливата енергија од вода и економско подобрување, во регион кој постоеше можност да биде граница со Косово, каде нема население кое директно ќе биде погодено од проектот, но со значајни еколошки влијанија. Иако самата акумулација нема значајно влијание (1,5 км2 водена површина) сепак зафаќањето и пренасочувањето на водите од Радика би значело битно намалување на квалитетот во овој регион каде има ендемски видови на флора и фауна.
Самиот проект е основан, но со претходно големо истражување на влијанието врз посочениот микрорегион, како и гарантирање на минимум (мониториран) проток кој би се слевал во Радика со цел минимално влијание во овој микрорегион.