Доста тоа е пишувано за климата и климатските промени на нашиот портал и за тоа што ќе се случи доколку не се сватат сериозно и не почниме да преземаме мерки за справување со последиците од истите. Без разлика што и поеминенти експерти од тоа поле го отвораа тоа прашање речиси и да не се отвори ова прашање во јавноста а камоли да се преземи нешто во насока на ублажување на последиците од истите.
Во напис за Дневник “Климатските промени ќе ја остават Македонија без домати и грозје” кој датира од 2008, д-р Наташа Марковска – енергетски експерт ги пренесе дел од анализите за последиците од климатски промени со кои се предвидува дека до 2050 родот на доматите во Гевгелиско ќе се намали за 81%, кај луцерката во Битолско пад на приносот до 62%, пад на родот на јаболката во Ресенско и грозјето во Кавадаречкиот регион до 50%, пад на родот на зимската пченица во Штипско до 17% и тн. Сето ова е под предпоставка дека земјоделските површини сепак ќе се наводнуват и дека ќе има доволно вода во акумулациите. Овие бројки би биле уште поголеми доколку би немало вода во акумулациите. За тоа колку вода би имале акумулациите и како “рационално”се користат во Македонија е сосема нова приказна за која нема место во овој напис.
Сепак впечаток е дека таа 2050 година за која експертите зборуваат како да доаѓа со засилено темпо и може да се случат прогнозите за таа година доста побрзо. Имено уште оваа година сите сме сведоци на она што се вика климатски промени и негативни ефекти од истите. Имено годинава во просек има пријавено намалување на родот на култури во просек за некои 20% споредено со претходните години. Во меѓувреме се очекува да се види како тие промени влијаеа врз житните култури. Големиот број на денови без врнежи, високите температури кои често го преминуваат четириесетиот степен, силните ветрови, поплавите во пролетните месеци се само дел од прогнозите на експертите кои со забрзано темпо се остваруваат. Еден пример за разорните последици на климатските промени е она што ова лето се случува во Овче Полието каде што сушата почна да го зема својот данок.
Македонија како мала земја што и да направи не може премногу да влијае врз она што се случува врз климатските промени со оглед дека мало е влијанието од нашата економија споредено со она на поголемите земји. Сепак она што Македонија како земја мора да го земи во предвид е како ќе се справи со тие последици кои веќе неможат да се игнорираат. Игнорирањето на климатските промени само би довело до брз раст на цената на храната како последица на истите и намален раст на економијата. Впечаток дека прашањето со климата е нешто кое не треба да се одлага и треба што побрзо да се отвори како би се презеле некои мерки.