Тешките метали од почвата во Велешко ќе се отстрануваат со насади од маслодајна репка, која потоа ќе се користи за производство на биогориво
Загадените земјоделски површини со тешки метали во Велешко ќе се чистат со одгледување маслодајна репка, која потоа ќе се преработува во биогориво. Овој процес на отстранување на оловото и на кадмиумот од почвата го почна Еколошкото друштво „Вила Зора“ и сега им го нуди на земјоделците. За негова реализација, обезбедена е финансиска помош од норвешката амбасада за одгледување и откуп на маслодајната репка, како и за соодветна опрема. Проектот ќе трае три години.
– Велешката почва и земјоделските и градинарски производи што се одгледуваат имаат загрижувачки вредности на тешки метали. Затоа со помош на норвешката амбасада почнуваме процес на деконтаминација на земјоделските површини во околината на градот. На земјоделците им нудиме да засеат маслодајна репка која, според стручњаците, е најголем пречистувач на почвата. Истата ќе ја откупиме и ќе ~ ја предадеме на велешката маслодајна да се преработи во биогориво. Од неговата продажба би се обезбедиле средства за следната година – изјави д-р Ненад Коциќ, претседател на „Вила Зора“.
Маслодајната репка е избрана бидејќи е хиперакумулатор на тешките метали од почвата и може да се користи за производство за биогориво. Во маслодајна во тек е инсталација на опремата за производство, која исто така е донација на норвешката амбасада. Фабриката за масло „Благој Ѓорев“ од ова производство нема да има никаква економска добивка, но се вклучила со своите луѓе, знаење и простор за да придонесе за подобра животна средина на велешани. Заради едукација, со земјоделците од околината на градот, од Речани, Башино Село и Караслари, каде што почвата е најзагадена, екологистите во наредниот период ќе имаат средби за да ги запознаат за овој проект. Тој ќе се работи три години и по овој период може да се смета дека почвата, таму каде што ќе се одгледува маслодајната репка, ќе биде исчистена.
– Не можеме да ги принудиме земјоделците да ја садат репката, но можеме да им понудиме да ја исчистат почвата. Од ова сите ќе имаме корист. Велешани ќе имаат чиста животна средина, земјоделците – кои ќе одгледуваат здрава храна, потрошувачите – кои ќе купуваат квалитетни производи – вели Коциќ.
Тој потсетува на испитувањата на стручњаците од Природно-математичкиот факултет од Скопје, кои покажале дека земјата во околината на градот е контаминирана со тешки метали и до 15 пати повеќе од пропишаните вредности. Токму поради тоа е потребно да се исчисти почвата и ова е прв таков пример на Балканот на чистење на земјоделските површини. Засега, иако непромовиран, се јавиле двајца заинтересирани земјоделци да го засадат ова индустриско растение. Екологистите побарале помош и од Министерството за земјоделство – поради поголем интерес за одгледување на маслодајната репка, таа да биде субвенционирана од државата.
За чистење на јавно-прометните површини, на почвата во дворовите од училиштата и во градинките во Велес, „Вила Зора“ заедно со општината го спроведе проектот засадување на 7.000 рози, преку чиј коренов систем треба да се отстранат тешките метали, кои во велешката почва ги има до 50 сантиметри длабочина. Почвата во градот и во околината е загадена поради тридецениското работење на топилницата. Велес како црна еколошка точка е регистриран и од страна на Светската здравствена организација.
Преземено од: ДНЕВНИК